8.8 C
Скопје
5. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Заев: Се стремиме кон образовен систем за поттикнување и интеграција на мултиетничките вредности

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска прими делегација на „Нансен дијалог центарот Скопје“ („НДЦ Скопје“), која како локална невладина и непрофитна организација е силно поддржана од страна на „Нансен академијата“ од Лилехамер, Норвешка, и од програмите за поддршка на владата на оваа земја.

Делегацијата на „НДЦ Скопје“, предводена од директорот Сашо Стојковски и во придружба на поранешната амбасадорка на Холандија во Скопје, Симоне Филипини, како член на бордот на „Нансен академијата“ во Норвешка, и други членови на бордот и претставници на норвешката амбасада, го информираа премиерот Заев за актуелните проекти на организацијата на полето на интеретничкиот дијалог, како и во делот на мултиетничката кохезија, интеграцијата, рамноправноста и толеранцијата, особено во делот на образованиот систем.

Заев за време на средбата истакна дека му се многу добро познати проектите на „НДЦ Скопје“ и дека активностите на оваа организација се од особено значење за нашето општество во овој исклучителен период кога земјата ги постави интеретничкиот дијалог и интраетничкото помирување како централни вредности. Овие процеси премиерот Заев ги оцени како исклучително неопходни во период кога се спроведуваат клучните политички активности за имплементација на уставните промени како чекор за прифаќање на договорот од Преспа за интеграција на нашата земја во ЕУ и НАТО.

Премиерот Заев нагласи дека „Нансен дијалог центарот Скопје“ и понатаму ќе ја има целосната поддршка на Владата на РМ за нејзините проекти, со особен акцент на програмата за дизајнирање на интеркултурното образование во училишната програма за основно образование во нашата земја како пример за еднакви можности и пристап до образование на сите етнички заедници во мултиетнички средини.

Оддаде признание дека подготовката на современ интегриран образовен модел, кој ги негува, поттикнува и интегрира мултиетничките вредности, а во исто време ги промовира и поддржува партнерските односи помеѓу учениците, наставниците и родителите, го поттикнува вклучувањето на заедницата преку воспоставување хармонични односи, кои се темелат на почитување на разликите.

Спонзорирано: