14.8 C
Скопје
8. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Една година од преземање на општина Центар на градоначалникот Саша Богдановиќ

Вчера, 25-ти октомври 2018-та година, одбележавметочно една година од доаѓањето на новото општинско раководство, предводено од градоначалникот Саша Богдановиќ.

По преземањето на функцијата од дотогашниот градоначалник, Андреј Жерновски, Богдановиќ се насочи кон активностите поврзани со работата на општината и овозможувањето на уште подобри услови за живот на Центарци, но и на сите оние граѓани кои гравитираат идневно минуваат во Центар.

За таа цел, изработивме краток осврт за едногодишнината од мандатот на градоначалникот Саша Богдановиќ.

Секторот за инспекциски работи годинава изврши над 500 увиди и инспекциски надзори, зависно од пријавата и од проблемот и издаде над 200 правосилни решенија. Покрај тоа, спроведуваше, учествуваше и беше партнер на повеќе проекти и активности, меѓу кои и “Собирање и управување со електричен отпад“, со кој се собра вкупно 21 тон отпад; проектот со компанијата “Пакомак“ за селекција на пластичен и стаклен отпад во основните училишта, проектот “Превенција од имотни деликти“ и останати проекти и акции.

Секторот за Локален Економски Развој (ЛЕР) исто така изработи, спроведе и учествуваше во голем број проекти и настани. Како поважни ќе ги издвоиме проектот за подобрување на услугите на локалната самоуправа кон граѓаните RECOV, потпишаниот Меоморандум меѓу Мисијата на ОБСЕ во Македонија и општината за спроведување заеднички активности во периодот 2018-2022, поддршката за проектот Мрежа +, изработката на Стратегиите за ЛЕР и МСП на Град Скопје и други.

Општина Центар заедно со градоначалникот Саша Богдановиќ, посебно голема грижа водат за најмладите жители на општината. За таа цел, покрај редовното одржување на училиштата, изградивме и доградивме8 нови училници и простории во основното училиште “Гоце Делчев“, ја сменивме целата водоводна и фекална канализација и реконструиравме уште 8 други училници и простории. Во ОУ“Кирил и Методиј“ реконстурирани се две училници, во ОУ “Кочо Рацин“ го реконструиравме надворешното игралиште, а во ОУ “Коле Неделковски“ заменети се 18 стари, метални врати со нови. Продолжува изборот на првенец во генерација во секое од 7-те основни училишта на територија на општината, како и изборот на најдобри предметни и одделенски наставници. За учениците со посебни потреби воведовме специјална дефектолошка служба со 15 дефектолози кои работат со оваа категорија на деца во училиштата, а и оваа година продолжуваме програмата за стипендирање на ученици со висок социјален ризик.

Во областа на социјалната работа и заштита, досега доделени се 333 финансиски поддршки за новороденчиња, како и над 300 финансиски поддршки на лица со висок социјален ризик. Во градинките на територија на општината воведени се бесплатни часови по англиски јазик за децата од средните и големите групи, а и понатаму ќеги наградуваме најдобрите воспитувачи, негуватели и стручни лица во градинките. Во соработка со Ротари Клубот Скопје – Камен Мост, во дел од градинките се донираат и прочистувачи на воздух. Комплетно санирани се јаслите во градинката Кочо Рацин – клон Бели Мугри, како и отпочната е набавка на реквизити за матичниот објект на градинката “13-ти Ноември“. За највозрасните жители функционира сервис за стари лица, со преку 100 корисници, како и 7-те Пензионерски клубови на општината.

Културата отсекогаш била значаен дел од развојот на општината Центар. Оваа година во сите градинки ја имавме работилницата “Растеме со класика“, преку која дечињата од градинките имаа шанса да се запознаат со класичната музика преку игра и интеракција. Потоа се одржа традиционалниот “Фестивал на насмевки“ – фестивалот на шегата и хуморот, одбележувањето наДенот на Европа во соработка со Амбасадата на ЕУ во Скопје, разните изложби и поддршка на независните уметници, концерти, промоции и работилници за анимиран филм.

Советот на општина Центар, на предлог на Градоначалникот Богдановиќ, набргу по доаѓањето на власт, на во декември ја усвои и одлуката за запирање на спроведувањето наДеталните Урбанистички Планови, односно популарниот “Мораториум на градби“. Со ова, ДУП-овите одат на стручна ревизија и доработка, со што повторно ќе се стават на дневен ред за работа на советот. Секторот за урбанизам, заедно со стручните соработници, изминатата година интензивно и активно работат на изработување и усогласување на ДУП-овите со ГУП-от на Град Скопје. Во соработка со жителите на Центар, во новите ДУП-ови видливи се настојувањата за вградување на нови површини за градинки, училишта, спорт и рекреација како и зголемување на степенот на зелени површини. Оваа година издадени се над 500 решенија за легализирање на градежни објекти.

Досега Секторот за уредување на градежно земјиште реконструираше 6 улици, односно: улицата Бигла, улиците 171 и 172 во Крњево, улицата Капиштец, крак од Стефан Јакимов Дедов и улицата Питу Гули, а во завршна фаза се и улиците Ѓуро Ѓоновиќ и Димитар Пандилов. Покрај редовната санација на ударни дупки на улиците, поставувањето на столпчиња, канти за отпадоци и останата урбана опрема, општината реконструираше и 2 надворешни игралишта: игралиштетото кај КТК, на ул. Загребска и игралиштето “Партизан“, до Судот за прекршоци. Одобрени се 26 барања за кофинансирање на енергетско ефикасни фасади, како и 16 барања за сервисирање и санација на кровни површини и нефункционални лифтови. Воедно, отпочната е и третата и финална фаза од изградбата на новото општинско основно училиште, “Капиштец“.Реконструиран и адаптриан е простор во ОУ 11-ти Октомври за Дневен центар за децата со церебрална парализа. Поставени се 500 заштитни столпчиња на улиците, 100 нови канти за отпадоци, на 4 локации се поставени држачи за велосипеди. Традиционално и оваа година се одржа акцијата “Цел Центар на Точак“, со што се субвенционираа над 500 барања за велосипеди.

Во однос на финансиското работење, општината редовно и навремено ги исплаќа побарувањата на своите соработници и редовно ги исплаќа платите на своите вработени. 82 милиони денари средства неискористени од програмата за Скопје 2014 пренаменети се за раздолжување на судски долгови на општината. Досега, по основ на сите судски побарувања, општина Центар има вратено околу 150 милиони денари.

И во наредниот период продолжуваме со истото темпо и со нови проекти и активности со единствена цел, да го направиме Центар поубаво место за живеење на сите нас.