10.8 C
Скопје
4. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Движењето Беса ги образложи своите четири предлози за промена на Уставот

Пратениците на Движењето Беса предлагаат до Владата четири амандмани при изготвување на нацрт-предлогот за уставните промени кои ќе се достават во Собранието. Од партијата бараат албанскиот јазик да биде рамноправен со македонскиот, државата да се грижи за сите свои граѓани во дијаспората и претседателот на државата по второто гласање закон или друг акт во Собранието да нема право на вето.

Нивната прва сугестија е во делот на преамбулата, односно да се врати предлогот кој беше усвоен од потписниците на Рамковниот договор од 2001 година, каде Македонија е дефинирана како рамноправна држава на сите граѓани.

„Охридскиот рамковен договор е потпишан во 2001 година преку дијалог и компромис од сите четри политички лидери во тоа време. Содржината на преамбулата согласно со Рамковниот договор беше тотално изменета и во постапката за уставни измени е усвоено сосема нова преамбула на уставот која е и денес во правна сила. Првичниот предлог на уставните измени од 2001 година кој е доставен до Собранието на Република Македонија е вистинскиот модел според кој треба да се изгради иднината на оваа држава, како граѓанска држава, со рамноправни граѓани и етнички заедници“, објаснуваат од партијата и додаваат дека со една ваква интервенција би се гарантирале еднаквите права и обврски на сите граѓани кои живеат во Република Македонија.

Од Движењето Беса сугерираат и амандман 5, точка 1, параграф 1, од Уставот на Република Македонија да се преформулира на следниот начин:

„На целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилично писмо, како и албанскиот јазик и неговото латинско писмо“.

Појаснуваат дека со предложената промена ќе се овозможи отстранување на пречките и дилемите и се овозможува употребата на албанскиот јазик како службен јазик.

„Со договорот од Преспа се заштитува и гарантира идентитетот и јазикот на македонскиот народ, што за нас е неспорен факт, но од другата страна во постоечкиот устав имаме една подредена ситуација врзана за албанскиот народ во делот каде се регулира употребата на албанскиот јазик со ограничување со дефиниција на ‘проценти’, а не преку прифаќање на идентитетот и јазикот на албанскиот народ“, наведуваат од партијата.

Понатаму, од Движењето Беса бараат во член 49 од Уставот да се допрецизира дека Република Македонија води грижа за своите граѓани кои живеат надвор од територијата на Република Македонија, еднакво за сите етнички заедници.

„Дијаспората е големо богатство што го има една држава така што сите придобивки кои доаѓаат од истата никогаш не се за само една етничка заедница, туку истите се одразуваат добро кон сите граѓани. Имајќи го предвид фактот дека дијаспората активно учествувала во сите значајни процеси за државата и истата е неодвоив дел и секој обид да се фаворизира една етничка заедница, не е во согласност со демократските вредности за еднаквост на сите граѓани, па така и на дијаспората“, сметаат од партијата.

Исто така, оттаму сугерираат и промена на член 75, параграф 3 и 4 со цел на претседателот на државата да не му се овозможува да ги блокира законите што се усвоени по второ гласање во Собранието.

„Свесни сме дека само во последната година претседателот на државата во два случаи одби да го потпише указот за прогласување на законите иако согласно со Уставот беше обврзан. Со самото тоа се генерираат неповолни ситуации и институционални политички кризи, создавајќи тензична политичка клима, како што е случајот со непотпишувањето на указот за законот за јазиците или указот за усвојување на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција“, образложуваат од Движењето Беса.

Оттаму сметаат дека со овие интервенции на Уставот би се овозможило непречено функционирање на Собранието како највисок законодавен орган во рамките на правниот систем.

Спонзорирано: