14.8 C
Скопје
5. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

БЕГ: Студентскиот дом „Стив Наумов“ нема парно поради дефект на инсталацијата

Студентите во студентскиот дом „Стив Наумов“ немаат парно поради дефект на внатрешната инсталација, кој е во надлежност на управата на домот, соопштија од компанијата БЕГ.

„Екипите на БЕГ пред почетокот на грејната сезона навреме извршија проверка на топлинската станица на Студенскиот дом ‘Стив Наумов’, при што беше констатирано дека таа технички е исправна за преземање топлинска енергија од централниот систем за греење. Во моментот студентскиот дом нема централно греење поради дефект во внатрешната инсталација, чие одржување, во согласност со важечката регулатива, е обврска на управата на домот“, се вели во соопштението.

Од БЕГ додаваат дека сè додека управата не го среди овој проблем во внатрешната инсталација, компанијата не е во можност да испорача топлинска енергија.

„Студентскиот дом ‘Стив Наумов’ е во групата објекти што не ја подготвија внатрешната инсталација во согласност со обврските за почеток на грејната сезона за што навреме ја информиравме јавноста. Со оглед на фактот дека се работи за студентски дом каде што се сместени голем број студенти, БЕГ како општествено одговорна компанија е секогаш подготвена со своите стручни екипи да даде поддршка на управата на домот за надминување на овој проблем“, велат од компанијата.

Спонзорирано: