20.8 C
Скопје
9. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Влада: Се преземаат сите превентивни мерки за редуцирање на азискиот тигрест комарец во Македонија

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов, и Жарко Караџовски, епидемиолог во Институтот за јавно здравје, денеска, на прес-конференција во Владата на Република Македонија, информираа за превентивните активности што се преземаат за да се спречи натамошното размножување на азискиот тигрест комарец кој е присутен на територијата на неколку града во Македонија, како и во Скопје.

Караџовски потенцира дека досега во Република Македонија нема регистрирано ниту еден случај на инфекција или заболување од азискиот тигрест комарец.

„Будно ја следиме состојбата во регионот и во околните држави, каде што гледаме дека има поголем број лица инфицирани, заболени, дури има и смртни исходи. Она што ние како Институт за јавно здравје и Комисијата за заразни болести во иднина ќе го следиме е следното: Секоја локална самоуправа во својот акциски план, што го имаме изготвено минатата година, има задача дел од средствата што се во нивните буџети, да ги употреби на локално ниво и да превенира појава на овие заболувања преку спроведување дезинфекција, дезинсекција и дератизација“, рече Караџовски.

Едукативните брошури со сите неопходни информации за азискиот тигрест комарец, како што посочи Караџовски, одамна им се достапни на граѓаните, но и на сите здравствени работници во Република Македонија.

Тој препорачува граѓаните да не оставаат отворени буриња, канти, пловни објекти (чамци, кануа) и стари гуми во дворовите во кои може да се собира дождовница, редовно да ги чистат олуците на своите куќи за да се овозможи истекување на водата, да ја одржуваат хигиената на домашните украсни и базените за капење и на фонтаните, како и да не создаваат бари, односно застоени води во своите дворови.

Дополнително, граѓаните може да се заштитат со користење средства против комарци, а при престој во природа да носат светла облека за лесно да забележат комарец на себе.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов, истакна дека Агенцијата врши мапирање на целата територија на Република Македонија со цел да се утврди на кои и на колку локации е присутен овој вид комарец.

„Мамките се поставени на територијата на источна Македонија. Сега продолжуваме да ги поставуваме мамките и во другите делови од Македонија за да добиеме целосна слика. Мапирањето е направено во периодот од март до септември оваа година. Од резултатите од терен Агенцијата утврди дека нема опасност од ширење одредени вируси и кај животните “, рече Атанасов.

Дополнително, Владата ќе формира мониторинг-тело, кое секојдневно ќе ја следи состојбата со азискиот тигрест комарец во земјата.

Инаку, азискиот тигрест комарец е присутен и во соседните и во земјите од регионот, односно во Грција, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина и во Хрватска. Овој вид комарец го има и во други европски земји – Германија, Италија, Романија, Унгарија.