20.8 C
Скопје
20. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев до директорката на Евростат: Нашата цврста заложба е унапредување на интегриран статистички систем усогласен со европските правила

Претседателот на Владата, Зоран Заев, заедно со директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, во просториите на Економскиот факултет во Скопје се сретнаа со генералната директорка на Евростат, Маријана Коцева, и амбасадорот на Европската Унија во Република Македонија, Семуел Жбогар.

На средбата се разговараше за големиот исчекор направен во доближувањето кон европските стандарди со денешното потпишување на декларацијата за посветеност кон доверба во официјалната статистика од страна на претседателот на Владата, Зоран Заев.

„Свесноста во општеството за важноста на статистичките податоци расте. Колку е подобар квалитетот на статистичките податоци, толку подобри и поодржливи политики ќе се креираат. Во таа смисла декларацијата што денес ја потпишавме ја покажува нашата цврста заложба да го помогнеме процесот за унапредување и развој на интегриран статистички систем усогласен со европските правила и стандарди“, порача премиерот Заев, кој потенцира дека треба да се земат предвид и предлозите на научната јавност за зголемување на бројот и опфатот на статистички податоци што ќе бидат обработувани и достапни за јавноста.

Директорката Коцева порача дека Евростат ќе ја даде сета потребна помош и поддршка во скрининг-процесот на земјата и понатаму во процесот на преговори за членство во Европската Унија. На средбата беше заеднички констатирано дека дополнително за унапредувањето на квалитетот на статистичките податоци неопходно е да се испланира и спроведе кредибилен и доверлив процес на попис на населението.