8.8 C
Скопје
5. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Бектеши: Реформскиот пат на Македонија ќе ја продлабочи соработката со Германија

25-те години билатерални односи помеѓу Германија и Република Македонија се вистински патоказ како се градат цврсти мостови меѓу две земји и во политиката и во економијата, како се поврзуваат два народа, како се негува пријателството и економските врски, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши, во своето обраќање на панел-дискусијата насловена: „Трговија и економија – можности и предизвици“, во рамки на Вториот македонско-германски форум на тема: „Градиме мостови – политика и економија“, во организација на Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Институтот за општествени истражувања – МК 91.

Со поддршката што ја добиваме од Германија, рече тој, во нашите напори за имплементирање на реформите за пристапување во ЕУ, согласно со европската агенда, Германија уште еднаш покажа дека е неприкосновената движечка сила на европското обединување, останувајќи наш пријател и партнер кон зацртаната цел.

Ставајќи акцент на економската соработка, Бектеши посочи дека во последната декада Германија е на првото место на земји со кои Република Македонија остварува најголем обем на трговска размена со светот, илустрирајќи го ова со податокот што само во 2017 година таа достигнала износ од над 3 милијарди евра, а во првото полугодие од оваа година бележи раст од 12.8%, при што извозот е пораснат за 12.5%, а увозот за 13.7%.

„Високата трговска размена е резултат на значајни инвестиции од оваа земја кај нас, па заклучно со 2017 година, вкупната кумулативна вредност на СДИ од Германија изнесува 273 милиони евра, а само во 2017 година се остварени 47,6 милиони евра инвестиции, т.е. 26,2% од вкупните инвестиции, а во првите 6 месеци од оваа година приливот од оваа земја изнесува 19,7 милиони евра, односно 16,5% од вкупниот прилив на СДИ кај нас. Во зоните се регистрирани 10 големи германски инвестиции кои планираат да вложат вкупно 130 милиони евра, имаме две brownfield инвестиции, чиј капитал треба да достигне 80 милиони евра и над 2 000 вработувања, а надвор од зоните германскиот капитал е дел од 200 компании со над 20 000 вработени“, потенцираше Бектеши.

Во првиот, политички дел од форумот свои излагања имаа и пратеникот во германскиот Бундестаг Торстен Фрај, како и официјалниот претставник на фондацијата „Конрад Аденауер“, Јоханес Раи.

Фрај истакна дека е важно Македонија да оди на патот кон евро-атланската интеграција, со цел да се отворат перспективи за луѓето, особено за младите во Македонија, кои треба да ја гледаат својата и иднината на своите деца во родната земја, а за да се постигне тоа потребно е да се има правна држава, слобода на медиумите и слобода на изразување, силен образовен систем и стабилен економски развој.

Според Јоханес Раи, пак, за да се спречи одливот на мозоци од Македонија потребно е да се гради функционален политички систем и институции кои непречено ќе функционираат.

Спонзорирано: