23.8 C
Скопје
8. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ПРЕСПАНСКИ ДОГОВОРМАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ го правда криминалот и промената на името со лажни заложби за ЕУ

Повеќе од година ипол откако СДСМ е на власт, државата не само што не тргна кон подобро, туку ситуацијата дополнително се влоши, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во нивното соопштение.

„На власт се политичари и нивни ученици, кои во 90 – тите не убедуваа дека само да ја прифатиме привремената референца ФИРОМ и државата ќе тргне на подобро, па да го смениме знамето, па Уставот, па да го прифатиме Рамковниот, па територијалната поделба, се прифативме и не само што не тргна на подобро, туку е полошо. Животите на генерации Mакедонци од 91 – та до денес поминаа во тага, безнадежност и безперспективност“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозицијата во своето соопштение додаваат и дека СДСМ е партијата која сега не убедува дека ќе ни биде подобро, иако вршиме промена на името, идентитетот, историјата и културата на нацијата, нешто што е вековно обележје на суштествувањето на еден народ.

„И додека штетните политики ги правдаат со декларативните заложби за ЕУ и НАТО интеграцијата на земјата, во реалноста прават невиден криминал, се делат милионски тендери на партиски луѓе, ќерка директор дава тендер на татко бизнисмен и што ли уште не. Народот пати и не гледа како со ваков криминал државата може воопшто да функционира, а не пак да влезе во ЕУ“, се наведува во партиското соопштение.

Овој договор, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ е штетен и партијата нема да го поддржи. ВМРО-ДПМНЕ има демократски став, кој остава на граѓаните сами да одлучат како ќе постапат на референдумот. Граѓаните треба да имаат услови за непречено дејствување согласно нивната волја и убедување, се додава во соопштението.