6.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ПРЕСПАНСКИ ДОГОВОРМАКЕДОНИЈА

Ѓорге Иванов со неочекуван потег: “Јас нема да гласам на референдумот”

Претседателот Ѓорге Иванов од САД порача дека дека да отстапи од својата одлука и дека на 30 септември нема да излезе и да гласа на референдумот.

,,Два пати ја добив довербата на граѓаните за да не дозволам промена на Уставот со цел промена на уставното име, да не прифаќам идеи и предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот. Не отстапувам од тоа мое ветување. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам”, порача претседателот Ѓорге Иванов пред Обединетата Македонска Дијаспора во Детроит.

Тој потсети дека согласно Член 7, став 3 од Законот за референдум, никој не може да биде повикан на одговорност за гласање, односно негласање на референдум. Секој граѓанин, рече Иванов, има право да одлучи како ќе постапува во однос на овој референдум, да излезе и да гласа, или, пак да не излезе и да бојкотира.

„Што се однесува до мене, јас веќе гласав. Гласав пред 27 години, на 8 септември 1991 година. Јас бев еден од оние кои го дадоа својот глас за Република Македонија да се конституира како суверена и независна држава, со свое име и свое достоинство. Не отстапувам од таа моја одлука. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам. Кога ја преземав функцијата претседател , положив свечена изјава дека ќе ги почитувам Уставот и законите. Не отстапувам од таа моја заклетва. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам“, потенцираше македонскиот претседател.

Иванов порача дека во согласност со Уставот , сувереноста извира од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. „Немојте да дозволите некој тоа право да ви го одземе, немојте да дозволите некој да ве десуверенизира. Не дозволувајте некој друг да ви ја контролира вашата свест и вашата национална гордост“, истакна македонскиот претседател.

Прашањето за името и идентитетот, потенцираше Иванов, е постаро и поскапо од секој Устав, од секоја Влада, од секоја партија, од секој претседател, од секој поединечен интерес. Имајќи го сево ова предвид, јас ја донесов мојата одлука. „Верувам и убеден сум дека и граѓаните на Република Македонија на 30 септември ќе донесат исправна и мудра одлука“, истакна македонскиот претседател.

Иванов се заблагодари за сета досегашна поддршка од дијаспората и изрази верување дека и во овој период на предизвици дијаспората ќе ја искористи секоја можност за да и помогне на Македонија. Во обраќањето Шефот на државата уште еднаш го реафирмираше својот став дека спогодбата со Грција е штетна и поразителна за Република Македонија и дека решението што им се нуди на македонските граѓани на референдум е донесено без национален консензус, спротивно на досега изградените државни позиции и без негово знаење и согласност.

„Со оваа спогодба не само што се менува името на постојната држава, туку се создава нова, полусуверена држава, со ново име, со нов внатрешно-правен и меѓународно-правен идентитет“, порача претседателот Иванов.

Тој додаде дека без вистински реформи, без борба против корупцијата, без борба против партискиот елитизам и клиентелизам, нема членство во Унијата и НАТО. „И да се прифати штетниот грчки договор, и да се промени македонскиот Устав, членството во ЕУ и НАТО не следува по автоматизам“, рече претседателот.

Тој потенцираше дека отсекогаш се залагал за исполнување на стратешките цели на Република Македонија, но и за решение кое нема да задира во идентитетот на македонскиот народ и нема да биде на штета на македонските национални интереси.

На Гала вечерта во организација на Обединетата македонска дијаспора на претседателот Иванов му беше доделено највисокото признание „Глобален државник“. На Гала вечерта на ОМД присуствуваа и конгресмените на САД, Пол Мичел и Деби Дингел.

Иванов е во посета на Соединетите Американски Држави, каде што в четврток треба да одржи говор пред Генералното Собрание на Обединетите нации. Генералното собрание на Обединетите нации, што секоја година почнува во третиот вторник од септември, годинава се одржува од 25 до 30 септември.

Спонзорирано: