5.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТАВМАКЕДОНИЈА

Колумна на Сотир Габеловски: Ова не е битка за партија

Во многу така наречени битки од минатото политичките лидери и партии потенцирале дека одреден изборен циклус е историски најважен, во тој момент. Тоа се случува и сега. Но, има една круцијална разлика во овој „изборен циклус“ и моментот во кој живееме. Овој пат повикот за излезност и поддршка на референдумот доаѓа од многу поширок аспект и различен тип луѓе и професии: новинари, експерти, надворешни политичари, претставници на ЕУ и САД и опозиционери од македонските во и вон парламентарни политички партии. Ова не е битка за превласт, ами за излез од изолација и просперитет далеку подобар од оној што можеме да го постигнеме сами.

Да не се лажеме, од една страна, успешноста на овој референдум сериозно ќе ја зацврсти позицијата на владата, но прашањето во секој случај е многу поголемо од неа. Од друга страна, од опозицијата се’ уште доаѓаат различни сигнали во однос на нивниот став по однос на референдумот. Во фазата по завршување на референдумот и ВМРО ДПМНЕ со гласот на пратениците од во Собранието ќе има прилика да се приклучи кон овој исторски момент и да го понесе „товарот“ од одлуката на граѓаните.

Затоа, да не ја претвораме оваа битка меѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ. Овие партии се премногу мали во нивното значење за круцијалното прашање за поддршка на македонско-грчкиот договор за влез во НАТО и ЕУ. Одговорноста е многу поголема.
Живееме во период од значење рамно на Референдумот од 1991, АСНОМ и други историски моменти каде што, како и многу пати досега, голем дел од европската јавност е свртена кон Македонија. Поддршката што од надвор ја добиваме сериозно дава тежина на нашето постоење, нашата држава и нашата иднина. И тоа е уште еден аспект зошто оваа прилика мораме да ја искористиме, да се охрабриме и заокружиме за европска иднина.

На 30-ти септември не очекува демонстрирање на нашата одговорност како граѓани на оваа земја, но и свесност за историскиот момент што стои врз нашата одлука и таа одлука не смее да ја изгуби својата вредност и да се спушти на партиско ниво.

Автор: Сотир Габеловски