13.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Арсовски: Именувањето партиски телохранител за директор на БЈБ е скандал

Денешното именување на Сашо Тасевски за директор на Бирото за јавна безбедност е уште една скандалозна политичка одлука на СДСМ, смета Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ. Според него, да се постави личното обезбедување на министерот Оливер Спасовски за прв човек на полицијата е деградирање на сите професионалци што со години макотрпно ја граделе својата кариера во Министерството и ги ризикувале сопствените животи во борбата против криминалот и за заштита на безбедноста на граѓаните и на нашата држава.


„Единствено нешто по што јавноста го памети Сашо Тасевски е неговото каубојско однесување во Собранието кога пред очите на целокупната јавност вперуваше оружје во граѓаните. Наместо да биде казнет затоа што постапи незаконски и непрофесионално, Тасевски сега е награден бидејќи слепо ги извршување партиските наредби и ја занемари дадената заклетва дека ќе ги почитува Уставот и законите“, рече Арсовски.

Со последната владина одлука, додаде тој, Зоран Заев потврди дека нема намера да отстапи од поставувањето лојални партиски кадри на чело на полицијата.

Од СДСМ реагираа на изјавата велејќи дека Митко Чавков од ВМРО-ДПМНЕ беше на чело на БЈБ, а сега е обвинет за 27 април.

„ВМРО-ДПМНЕ, партијата што 11 години ја злоупотребуваше полицијата, а Министерството за внатрешни работи по признание на тогашната министерка Гордана Јанкуловска го претвори во МВРО-ВМРО, не знае што се професионални и независни институции. Последен пример е токму случајот со Митко Чавков, партиска инсталација на ВМРО ДПМНЕ кој беше на чело на БЈБ а сега е на обвинителна клупа. Судската постапка ќе покаже што се правеле овие партиски кадри на ВМРО ДПМНЕ на 27-ми април кога беше нападното Собранието и загрозени животите на пратеници и новинари“, велат од СДСМ.

Од партијата додаваат дека назначениот директор на Бирото за јавна безбедност е професионалец, со долгогодишно академско и професионално искуство во служба на законите и обезбедување на безбедноста на граѓаните на државата.

Спонзорирано: