12.8 C
Скопје
4. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Фондот за иновации тврди дека не доделил средства на фирми пред ликвидација

Фондот за иновации ги отфрла обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ и тврди дека не доделил средства на фирми кои се со постапка на ликвидација во Централниот регистар.

„Според правилниците за аплицирање за финансиска поддршка на Фондот, сите апликанти задолжително треба да достават потврда за тековна состојба од Централен регистар, не постара од еден месец. Ваква потврда, со јасен статус на „активен“ деловен субјект имаат доставено и двете компании „Мобидониа“ и „Омега рисрч“. Второ, според истите правилници, пред потпишување на договорот за финансиска поддршка со секоја компанија, меѓу останатите документи, Фондот бара и доставување на потврда од Централен регистар дека не е отворен стечај или ликвидација“, се вели во демантот на Фондот за иновации.

Оттаму додаваат дека двете фирми споменати на прес-конференцијата на опозицијата, овие потврди ги имале доставено и во нив било јасно наведено дека нема отворено постапки за стечај и/или ликвидација.

„Исплатата на средствата од Фондот се реализира квартално, а не однапред и наеднаш. Првата рата компаниите ќе ја добијат веднаш по потпишувањето на договорите и откако ќе достават потврда за уплата на нивниот финансиски удел во проектите. Остатокот од средствата на Фондот ќе се исплаќа по доставен квартален извештај од компаниите за наменско искористување на средствата според предвидениот проектен план и спроведен мониторинг од Фондот“, се додава во реакцијата.

Фондот за иновации прашува зошто опозицијата упорно настојува да обвинува и понижува над 70 домашни компании кои се обидуваат да опстанат, да го развијат својот бизнис и да обезбедат нови добро платени работни места за стотици македонски граѓани.

Претходно, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски обвини дека Фондот за иновации доделил пари на 2 фирми кои се со постапка на бришење и затварање во Централниот регистар. Тој го повика Јавното обвинителство да го испита случајот.

Спонзорирано: