9.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Загрижува молкот од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во врска со референдумот, велат од Демократската фракција

По изјавата на вицепремиерката и министер за одбрана, Радмила Шекеринска, дека 90 отсто од времето на лидерските средби било потрошено на барањето на Мицкоски за амнестија, како и дека за уставните измени ќе ја имаат поддршката на дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, владее молк од раководството на ДПМНЕ и од пратеничката група, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ – Демократска фракција.

„Немањето храброст да се излезе во јавност и да се демантираат тврдењата не е својствено за сериозна национална партија и за пратеничка група која држи до себе и до своите чесни патриотски и национални намери и ставови. Молчењето е одобрување и потврда на кажаното. За актуелното партиско раководство ни е познато сè досега и илузорно е понатаму да бараме демант на ова тврдење и затоа ги оставаме и понатаму да калкулираат на сопствена штета. Но, не можеме да сфатиме како и зошто народните избраници на ВМРО-ДПМНЕ молчат? Жално е што еден дел од нив чекаат некој да им даде сигнал или дозвола за да се стават во функција на самообезличување, а само поради спас на туѓа кожа и туѓи лични интереси?!“, стои во соопштението.

Оттаму им порачуваат на оние пратеници кои, како што велат, се на „чекање“ и во функција на „менторите од сенка“ и кои не смеат да имаат сопствен став околу референдумот и Договорот од Преспа, да се симнат од удобните фотељи и на сопствена сметка (без наплата на патните трошоци од државата) да прошетаат низ изборните единици во кои се избрани и да го слушнат ставот на нивните избрачи, па дури потоа нека се обидат да гласаат на референдумот и за уставни промени.

„Жално е што ставот на пратеникот Антонио Милошоски околу референдумот и се после него, остана осамен и не беше јавно и гласно поддржан од членовите на останатите десет пратенички групации на партијата. Тоа јасно укажува на недостојност и немање капацитет да се биде на висина на пратеничката функција односно да се биде избраник на народот. Достоинството и слободата на мислата и говорот не се цели и принципи на егоистични и неодговорни индивидуи макар тоа биле и народни избраници. Секое нивно понатамошно молчење, јавно неизјаснување и калкулирање по однос на клучните прашања ќе го сметаме за спротивно на националните и државни интереси и на духовните принципи и вредности длабоко втемелени во македонската вековна историја и традиција“, велат од ВМРО-ДПМНЕ – Демократска фракција.

Спонзорирано: