27.8 C
Скопје
8. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Pixabay / Атина
СВЕТ

Каменос ги обвини илегалните градби за големата катастрофа со пожарите

Грчкиот министер за одбрана, Панос Каменос, рече дека илегалните градби придонеле за еден од најкатастрофалните пожари во Грција, објави Би-би-си. Тој истакна дека градбите на жителите во шумските области е криминал, што резултирало со блокирање на патиштата за евакуација на населението.

Каменос беше дочекан со критики од гневните жители за време на неговата посета на уништената област источно од Атина. Луѓето му раскажуваа како се спасувале, дека само оние што отишле длабоко во морето се спасиле, а оние што останале на копно починале. Луѓето го запрашаа министерот каде биле суперпума-хеликоптерите. Во разговорот со граѓаните министерот за одбрана рече дека армијата се обидува да помогне колку е можно повеќе.

„Човечката болка не се заменува. Не можам да ги вратам децата назад. Ја гледам ќерка ми и го гледам 9-годишното девојче што го бараме и се чувствувам исто, како да е мое дете“, одговори Каменос.

Министерот за одбрана, коалициониот партнер во грчката влада и лидер на Независни Грци, Панос Каменос, е првиот министер од грчката влада што ги посети населбите погодени од пожарот во кој загинаа најмалку 81 лице, а не е познат бројот на исчезнати.