14.8 C
Скопје
5. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев: Со здружени сили регионот може да ги привлече кинеските компании и туристи

Со новите иницијативи од овој самит ја зацврстуваме и унапредуваме взаемната соработка, изјави денеска претседателот на Владата, Зоран Заев кој се наоѓа во еднодневна посета на Бугарија кадешто учествува на Седмиот самит на шефови на влади од процесот на соработка помеѓу Народна Република Кина и земјите од Источна и Централна Европа (16+1).

„Република Македонија е мала земја којашто е посветена на концептот на поврзувањето, што всушност е дел и од иницијативата 16+1. Како што вели кинеската поговорка -Патувањето од илјада милји започнува со еден чекор- така и оваа иницијатива 16+1 претставува првиот чекор на едно впечатливо патување и платформа со која Република Македонија ќе може да ги продлабочи врските и поврзувањето, да напредува на полето на енергетиката и инфраструктурниот развој“ порача премиерот Заев.

Тој рече дека со здружени напори 16-те земји од овој регион можат да ја унапредат размената и движењето на луѓето, добрата и услугите, искуствата и да ја користат експертизата и знаењето од НР Кина во овие процеси, но истовремено и да го направат овој регион атрактивна и примамлива дестинација за нови инвестиции на кинексите компании и примамлива туристичка дестинација за кинеските туристи.

„Би сакал да нагласам дека на почетокот на месец март, 2018 година, Македонија официјално во Скопје го отвори Центарот за координација на културната соработка помеѓу НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа. Овој центар нуди одлични можности за мониторинг, промоција и афирамција на културната соработка помеѓу НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа но исто така и настојува да ги продлабочува и зајакне релациите помеѓу земјите во културата којашто ја има централната улога во унапредување на меѓусебното разбирање и продуктивниот дијалог“ додаде премиерот.

Заев информираше дека Македонија во септември ќе биде домаќин на 5-иот Симпозиум на земјите од ЦИЕ и НР Кина на Тинк Тенк организации, а следната 2019 во наша организација ќе биде 4-иот Состанок на министри за културна соработка кој произлегува како наша обврска од процесот 16+1.

„2018 година е од исклучителна важност за евро-атлантската интеграција на мојата земјата. Мината година, го потпишавме Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија, а минатиот месец го потпишавме Договорот со кој го решивме деценискиот спор за името и за воспоставување на стратегиско партнерство со нашиот јужен сосед, Република Грција со што осигуравме широка перспектива за постигнување на нашите стратегиски цели за воспоставување на уште поинтензивна билатерална соработка на регионално ниво.“ истакна Заев.

Премиерот ја предводи владината делегација во состав заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Спонзорирано: