3.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Курц: ЕУ не е комплетна без земјите од Западен Балкан

Европската Унија ќе биде комплетна тогаш кога кон заедницата ќе се приклучат и земјите од Западен Балкан, изјави денеска од седиштето на Европскиот Парламент во Стразбур, австрискиот канцелар, Себастијан Курц.

Тој ги претстави приоритетите на австриското претседателство со Унијата што Австрија го наследи од Бугарија, порачувајќи дека еден од трите приоритети ќе биде приближувањето на Западен Балкан кон ЕУ.

„Западен Балкан заслужува членство во ЕУ. Затоа ќе работиме најдобро што знаеме за да го поддржиме процесот на нивно пристапување во Унијата“, рече Курц.

Истовремено, тој порача дека ЕУ мора да биде активна во своето соседство за да ги осигура стабилноста, безбедноста и мирот.

„Југоисточна Европа, а особено Западен Балкан, се во близина на срцето на Австрија“, рече Курц.

Австрискиот канцелар побара на земјите од Западен Балкан да им се даде искрена перспектива и овозможување на стабилен напредок кон членството во ЕУ.

„Мораме во еден момент да го завршиме проектот ЕУ и да ги воведеме земјите во Унијата за да придонесеме кон напредок на ЕУ“, оцени Курц,

Тој додаде дека решението на спорот околу името со Грција е значаен охрабрувачки знак и изрази задоволство што постои подготвеност за отворање на преговорите со Албанија и Македонија, иако и официјална Виена посака уште појасни сигнали.

Според неговите зборови, посебно во мигрантската криза докажано е дека Западен Балкан не е само дел од Европа, туку е и дел од нејзината безбедносна архитектура.

Како останати приоритети, Курц ги наведе безбедноста во борбата против илегалната миграција, како и дигитализацијата и автоматизацијата.

Спонзорирано: