8.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Австрија го презема од Бугарија претседавањето со ЕУ

Австрискиот канцелар Себастијан Курц го презема претседавањето со Европската Унија од бугарскиот премиер Бојко Борисов на симболична церемонија во австриското туристичко место Шладминг. Со тоа  започнува шестмесечното ротирачко претседателство со Унијата од страна на Австрија, чии приоритети ќе бидат безбедноста и миграцијата, зачувувањето на конкурентноста преку дигитализација и стабилност во регионот.
Во фокусот на разговорите беа резултатите постигнати за време на бугарското претседавање со ЕУ и приоритетите на Европскиот совет во следните шест месеци, по кои ќе работи австриското претседателство. Борисов се заблагодари за конструктивниот дијалог во Европскиот совет, кој даде можност да се насочи вниманието врз балканскиот регион. „Давањето јасна порака за почеток на претпристапни преговори со Македонија и Албанија за членство во ЕУ ги постави основите за перспективата на целиот регион“, истакна бугарскиот премиер.
Борисов му посака успех на Курц во идното шестмесечно претседавање, додавајќи дека секогаш може да се надева на помош од претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск. „Европа сега се наоѓа во тешка положба, бидејќи има различни проблеми со САД и со Русија, како и Брегзит. Австрија сака да гради мостови и да работиме со силна Европска унија, затоа активно работиме со европските институции“, нагласи Курц.
Третпат, по 1998 и 2006 година, Австрија ќе претседава со ЕУ, овојпат под мотото „Европа која штити“. Една од целите на официјална Виена е и подобрување на односите на ЕУ со земји како што се Русија и Израел.
ЕУ, како што истакна австрискиот канцелар Себастијан Курц, треба да се занимава со големи прашања, како што е заштита на надворешните граници или надворешната политика, а да се повлече од помалите прашања кои треба да останат во надлежност на националните влади, регионите и локалните власти. За Австрија голем предизвик ќе биде постигнување договор за буџетот на ЕУ за периодот 2021/2027 година, бидејќи Виена бара да не се зголемуваат уплатите за државите кои се нето-уплатувачи, како што е Австрија, и тоа поради излезот на Велика Британија од европското семејство.
Исто така, и Брегзит е голема тема со која ќе се соочи Австрија, бидејќи се очекува да се постигне договор до октомври, за да може процесот на ратификација да заврши до крајот на март следната година. Во текот на сегашното претседавање предвидени се околу 300 собири во Австрија, меѓу кои и 13 неофицијални совети.
Трошоците за претседавањето се проценуваат на околу 43 милиони евра, а медиумите шпекулираат дека би можеле да бидат и двојно поголеми. Канцеларот Курц на 3 јули ќе се обрати пред Европскиот парламент во Стразбур, а на 5 и 6 јули еврокомесарите ќе допатуваат во посета на Виена.