9.8 C
Скопје
28. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Николовски: Нов советодавен систем за поквалитетни услуги за земјоделците

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска присуствуваше на настанот насловен „Советодавни служби и услуги и во земјоделството“ на Факултетот за земјоделски науки и храна.

Целта на настанот е да се информираат претпријатијата и останатите чинители за предлог-законската регулатива од областа на советодавните услуги, од кој, како што велат од МЗШВ, краен бенефит ќе имаат земјоделците. Посебен фокус беше ставен на новиот предлог-закон за советодавни услуги во земјоделството којшто наскоро откако ќе завршат јавните дебати ќе влезе во владина процедура. Од Министерството велат дека со законот ќе се воспостави ефикасен советодавен систем во земјоделството.

„Квалитетните и навремените советодавни услуги за земјоделците се една од клучните алки во процесот на создавање модерно земјоделство усогласено со европските регултави. Едукацијата на земјоделците, достапноста до услугите што ги нуди државата, се основа за модерно земјоделство. Ова е повеќе од важно, сега, во период кога Владата интензивно работи на забрзување на евроинтеграцискиот процеси и трасирање на патот кон Европската Унија“, изјави Николовски.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство оценуваат дека сегашното функционирање на државно-финансираните советодавни услуги во Република Македонија е незадоволително, а овие услуги главно се обезбедуваат преку Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството (АПРЗ).

Оттука, велат, директно се посетени не повеќе од 700 земјоделски стопанства годишно, а детектирани се 30-40 000 стопанства кои се корисници на државна поддршка и имаат посериозен развоен капацитет.

„Главните начела на системот се плурализам во обезбедувањето на советодавни услуги финансирани од државата со целосно вклучување и на приватните даватели на услуги, за кои ќе биде обезбедена и поддршка при нивното формирање, како и пристап базиран на избор на даватели на услуги од страна на самите корисници чија реализација е агументирана со докази. На овој начин корисниците ќе имаат поголем избор и полесен пристап до потребните советодавни услуги. Целта е да се подобри едукацијата и информираноста во областа на земјоделството, со што се потикнува модернизација и развој во секторот“, заклучува Министерството.

Спонзорирано: