7.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

ЕУ постигна договор за мигрантите

Лидерите на Европската Унија, по 10-часовните разговори, доцна синоќа постигнаа договор за мигрантската криза. „Лидерите на 28-те земји членки се договорија околу заклучоците од самитот, вклучувајќи го и прашањето за миграциите“, објави претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

Детали од разговорите не се соопштени, но францускиот претседател, Емануел Макрон, изјави дека победила европската соработка и оцени дека е искажана солидарност со земјите во кои најпрво мигрантите пристигнуваат.

„Станува збор за добар компромис. Постојат декларации за релокација на доброволна база и тие се засновани на консензус“, рекол полскиот премиер Матеуш Моравјецки.

Во јавноста излегоа информации дека во заклучоците што се однесуваат за миграциите, меѓу другото, пишува дека мигрантите кои се спасени на море, на територија на Европската Унија, во согласност со меѓународните закони би требало да бидат примени во контролирани центри во земјите-членки. Лидерите на ЕУ се договориле и дека тие центри би требало да бидат воспоставени во оние земји-членки кои сакаат да го направат тоа на доброволна основа. Во центрите, со целосна поддршка на ЕУ ќе биде одлучувано кои од мигрантите ќе бидат вратени во своите матични држави, а на кои им е потребна меѓународна заштита.

За да се намали бројот на бродови кои доаѓаат во европските води, Туск предложи да се формираат платформи за истовар надвор од Европа за мигрантите спасени на море што би довело до крај на економскиот модел на криумчарење луѓе.