25.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(Видео) Курц: Австрија ќе направи сè што може за Македонија да добие позитивна одлука

Премиерот Зоран Заев имаше тет-а-тет средба со австрискиот канцелар Себастијан Курц, кој на заедничка прес-конференција го соопшти и јавно ставот дека Австрија ја поддржува Македонија за отворање претпристапни преговори со ЕУ. Курц, исто така, рече дека верува дека претседателот Емануел Макрон ќе донесе проевропска одлука и дека се надева на позитивна одлука од Франција, за да не дојде, како што рече, до застој на регионот.

Канцеларот Курц рече дека Македонија заслужува од ЕУ отворање претпристапни преговори. Како што соопшти владината прес-служба, Курц најавил дека Австрија ќе направи сè што може, ЕУ Советот да донесе позитивна одлука за Македонија. Канцеларот Курц исто така ги повика граѓаните на Република Македонија на претстојниот референдум во нашата земја да го поддржат договорот со Грција.

Премиерот Заев рече дека ова е доказ повеќе дека Македонија, во Австрија, има вистински, голем и искрен пријател. „Важно е охрабрувањето што го слушнавме денес од Вас како прв човек на Владата на Австрија, на два дена пред Советот на министри на ЕУ, дека вашата држава поддржува отпочнување преговори на Македонија со ЕУ“, рече Заев.

На прес-конференцијата беа поставени и новинарски прашања околу ставот на Франција за добивањето датум за почеток на преговори со Македонија. Заев рече дека ја разбира внатрешната дебата во Франција околу проширувањето, но дека Македонија не бара веднаш да стане членка на ЕУ, туку да продолжи мотивацијата од ЕУ и европското однесување. „Верувам дека претседателот Макрон ќе донесе одлука за продолжување на мотивацијата“, рече премиерот.

На прашањето за противењето на претседателот Ѓорге Иванов да го потпише договорот со Грција и проценките за исходот од референдумот ако Македонија не добие датум, премиерот Заев изрази оптимизам дека референдумот ќе успее, а одлуката на граѓаните ќе мора да ја почитуваат сите. „Ако ЕУ не даде датум ние нема да се откажеме од европските вредности, но ова прашање е причина зошто Франција и ЕУ треба да се однесуваат мотивирачки кон мојата земја“, рече Заев.

Инаку, Австрија го презема претседавањето со Советот на ЕУ од 1 јули годинава.