10.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Pixabay
СВЕТ

Хавиер Солана не доби дозвола за влез во САД

САД не му одобрија влез во земјата на Хавиер Солана, поранешен генерален секретар на НАТО и ексминистер за надворешни работи на Шпанија, поради патување во Иран, една од земјите коi американскиот претседател, Доналд Трамп, gi стави на својата „црна листа”, пренесува „Њујорк тајмс“.

Солана последен пат го посети Иран во 2013 година, кога оствари средба со претседателот Хасан Рохани.

На Солана, кој треба да одржи говор во институтот „Брукингс“ во Вашингтон, му е одбиена американската виза преку електронскиот систем „поради посета на непријателска држава”, пишува шпанскиот весник „Паис”.

Извори од американската амбасада во Мадрид не сакаа да го коментираат случајот, но прецизираа дека американскиот електронски систем за авторизација на патувањата (ЕСТА) автоматски ги отфрла барањата на луѓето кои посетиле која било од седумте земји погодени од забраната за патување во САД. Тие земји се Ирак, Сирија, Иран, Судан, Либија, Сомалија и Јемен.

Солана потврди денес дека неговата обновена апликација во ЕСТА – која ја одредува можноста посетителите од одредени земји да патуваат во САД без да аплицираат за виза, била одбиена, и дека ќе аплицира за виза наместо тоа, повеќе тежок и скап процес.

Солана беше генерален секретар на НАТО од 1995 до 1999 година. По завршувањето на мандатот, Солана стана генерален секретар на Западноевропската унија, а потоа генерален секретар на Советот на Европската Унија, а наскоро потоа ја доби функцијата висок претставник за надворешна и безбедносна политика.