Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: Неспособната власт смета дека постигнала огромен успех со растот на БДП од 0,1 отсто

Трагичен е фактот што расипничката и неспособна власт се гордее и смета дека постигнала огромен успех во сите области, со растот на БДП од незначителни 0,1%, велат денеска во соопштение од опозициската партија, ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, тоа покажува колку нема капацитет во владиниот економски тим за да се стори било што од полза на граѓаните и државата.

„Тешка криза и се заканува на Македонија со црното економско трио Заев, Анѓушев и Тевдовски кога сметаат дека нешто сработеле со срамниот раст на БДП. Економијата доживува колапс, криминалниот картел на власт и Зоран ЕВРО Заев не знаат да ја водат државата. Додека земјите од регионот и Европа бележат значителен раст, Република Македонија е убедливо на дното“, се наведува во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ констатираат дека по смената на власта, животот во Македонија дошол само за, како што ги нарекуваат, Зоран ЕВРО Заев, милионерот газда Кочо Анѓушев и групата блиска до нив, додека граѓаните се оставени да преживуваат.

„Растот во првиот квартал од 2018 година во соседна Србија и во Словенија е 4,6% или за 46 пати поголем од растот на БДП во Република Македонија. Растот на БДП во Бугарија е 3,5% или за 35 пати поголем од растот на БДП во Република Македонија. Растот во Хрватска е 2,5% или за 25 пати поголем споредено со нашиот раст. Загрижува и разочарува раст на БДП од 0,1 % кога во исто време стапката на инфлација изнесува 1,5 што значи дека граѓаните се посиромашни од минатата година“, нагласуваат од опозициската партија.

Додаваат дека катастрофата во економијата се чувствува насекаде, а неа најмногу ја чувствуваат граѓаните, кои со се помали плати плаќаат се поскапи продукти.

„Додека целата економија е во општ пад, процентот на бруто инвестициите бележи пад од 9%. Додека состојбата во економијата е безнадежна, а граѓаните живеат во беда и сиромаштија, личните бизниси на криминалниот картел цветаат. Со ова Заев, Анѓушев и Тевдовски создаваат апатија во економијата. Овој криминален картел мора да замине час поскоро. Република Македонија и нејзините граѓани заслужуваат подобро“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.