21.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

„Зелена лупа“ бара одговорност од Врховниот суд поради предолгите судски постапки

Врховниот суд нема критериуми и методологија при одлучувањата за поднесените барања за судење во разумен рок. Одлуките се неконзистентни и контрадикторни. За ист случај, на еден граѓанин досудува еден износ на штета, а на друг граѓанин досудува сосема друга сума за обесштетување. Има и случаи каде за еден ист предмет судот прифаќа поднесено барање за судење во разумен рок и досудува штета за еден граѓанин, а за истиот предмет судот го одбива барањето поднесено од друг граѓанин, а за истата основа. Исто така, Врховен суд многу ретко дава задолжувања со временски рокови кон судиите од пониските судови – со цел решавање на предметите. Овој суд воопшто не врши мониторинг на понатамошниот тек на предметите за кои веќе досудил штети за предолги судски постапки, и каде што дал временски рокови за решавање на истите. Ова се генералните заклучоци од денешната трибина со граѓани кои се жртви на предолги судски постапки, коишто траат по повеќе од 10 или 15 години, а којашто се одржа во „Даре Џамбаз“.

Настанот беше во рамките на проектот „Судењето во разумен рок е ПРАВО а не привилегија – ајде да го почитуваме!“, кој е финансиран од Амбасадата на Кралството Холандија. На настанот присуствуваа граѓани, експерти, адвокати и амбасадорот на Кралството Холандија. На настанот беше реферирано дека со финансиска поддршка од Амбасадата, преку „Зелена лупа“, со договори за стратешко застапување беа поднесени 50 барања за судење за разумен рок до Врховниот суд.

Поднесените барања се однесуваат на различни видови нсудски постапки: 22 барања за предмети поврзани со стечајни постапки; 9 барања за управни постапки; 3 барања за работни спорови; 3 барања за парнични постапки; и 13 барања за кривични постапки. Според нив, Врховниот суд не одговара навремено на поднесените барања, не само за поднесените 50 барања преку „Зелена лупа“ туку и за други 150 предмети кои се под мониторинг од страна на граѓанската организација.

„Врховниот суд не побарал одговорност од ниту еден судија за направените штети поради предолгите постапки, дури и во случаите каде што државата плаќа отштети, судиите се незасегнати. Судот досега не поднел ниту една информација или иницијатива за одговорност на судија до Судски совет. Главниот виновник за невладеењето на правото во делот на предолгите судски постапки е Врховниот суд“, е ставот на „Зелена лупа“, од каде најавуваат дека ќе поднесат иницијативи за одговорност за претседателот на Врховен суд и другите инволвирани судии, до Судскиот совет. „Судењето во разумен рок е право, а не привилегија.
Судењето во разумен рок мора да се почитува“, велат од „Зелена лупа“.

Спонзорирано: