17.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Николоски на претставници на Пан-европската унија им се пожалил за политичка хајка врз 200 членови на ВМРО-ДПМНЕ

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, денеска оствари средба со претставници на Пан-европската унија, која е најстара организација чија цел е обединување на Европа. Како што информираат од опозициската партија, Николоски ги афирмирал ставовите дека партијата останува силно посветена на европскиот пат.

„На средбата беше посочено дека власта освен декларативната европска заложба, во пракса ништо не прави за придвижување на државата кон ЕУ, како и дека без помошта на ВМРО-ДПМНЕ за реформските закони немаше да биде вратена безусловната препорака на ЕК за Република Македонија“, стои во партиското соопштение.

Европските претставници исто така биле запознаени и со политичкиот прогон кој од ВМРО-ДПМНЕ велат дека власта го спроведува врз политичките неистомисленици. Николоски посочил дека СЈО и ОЈО се користат како алатка за политички прогон и дека се води политички мотивираната хајка врз повеќе од 200 членови на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој на средбата рекол дека судството е заробено од страна на власта.

„Додека процесите против Зоран Заев се влечат по неколку месеци без да има рочиште, против луѓе од ВМРО-ДПМНЕ се водат брзи постапки, без аргументи и целосно неосновано. Заробениот правен систем од страна на власта резултира и со заробеност на целата држава“, посочил Николоски додавајќи дека тоа се гледа и во очајните резултати во економијата и зголемувањето на немаштијата.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ констатирал дека државата мора итно да се врати на европскиот пат, со реални реформи и со ефикасност на правниот систем.

Спонзорирано: