20.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТТОП ВЕСТИ

Путин: Многумина сакаат да заборават дека руските војници го скршија нацизмот

Русија се сеќава на трагедијата на војната, ги разбира лекциите од историјата кои не ни дозволуваат да ги затвориме очите и да бидеме слепи за предизвиците на нашето време, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин, во говорот на Парадата на победата која се одржува на Црвениот плоштад во Москва.

„Советскиот Сојуз го одреди исходот во Втората светска војна, а денес иако има обиди да се игнорира овој потфат, ние никогаш нема да дозволиме тоа да се заборави“, рече Путин и притоа им го честиташе на руските граѓани и војници Денот на победата.

Многу е важно сите земји и сите луѓе да сфатат дека светот е многу кревок и дека неговата стабилност зависи од нашата способност да се слушаме едни со други, да имаме доверба и меѓусебна почит, додаде рускиот претседател.

Путин истакна дека Русија е отворена за дијалог за сите прашања, со цел да се обезбеди глобална безбедност, односно компромисни решенија кои ќе донесат мир и напредок на целата планета.

Како што рече, руските војници ја заштитиле честа на својата земја.

„Нашиот народ се бореше за живот и смрт, а ниту една друга земја не претрпе таква инвазија. Ништо не може да се мери со храброста на нашите војници“, нагласи Путин.

„Денот на победата е празник за целата земја, празник на национална гордост“, истакна рускиот претседател.

Тој потсети дека ова е ден кога конечно бил скршен нацизмот и кога биле уништени плановите за светска доминација, а долгоочекуваната вест за тоа одекнала низ целиот свет при што сите сфатиле дека Советскиот Сојуз одиграл клучна улога.

Руската воена парада се одржува по повод одбележувањето на 73-годишнината од победата во Втората светска војна, или како што Русите ја нарекуваат Големата патриотска војна (1941-1945).