10.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Помпео ќе врати од Северна Кореја тројца американски заробеници

Американскиот државен секретар Мајк Помпео ќе се врати од Северна Кореја со тројца американски заробеници, како и со детали за претстојната средба помеѓу севернокорејскот лидер Ким Џонг-ун и американскиот претседател Доналд Трамп, пренесува „Ројтерс“.

Помпео пристигна во севернокорејската престолнина Пјонгјанг во среда откако претходно беше во посета на Јапонија.

Американскиот дипломат и другите претставници на американската делегација имаа ручек со Ким Јонг Чол, поранешен шпион и сегашен директор на Одделот за Обединетиот фронт – организација која задолжена за меѓукорејските односи.

Претходно, Трамп ја соопшти веста за втората посета на Помпео на Северна Кореја за помалку од шест недели, додавајќи дека двете земји се договориле околу датумот и местото на средбата, без да открие повеќе детали.

Официјален претставник на јужнокорејската Сина куќа изјави дека се очекува Помпео да го финализира договорот околу датумот на средбата и да го обезбеди ослободувањето на тројца американски заробеници.

Додека Трамп порача дека ослободувањето на тројцата заробеници би било „одлична работа“, Помпео за време на патувањето кон Пјонгјанг рекол дека не добил такви гаранции, но дека се надева оти Северна Кореа „ќе ја направи вистинската работа“.