20.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Шкотска е прва земја во светот што воведува минимална цена на алкохолот

Шкотска стана првата земја во светот што ќе воведе минимална цена на алкохолот со цел да го направи понедостапен за граѓаните. Станува збор за пионерска иницијатива што ќе почне по судската битка што се одвиваше цела година.

„Шкотска е првата земја во светот доволно храбра да воведе минимална единствена цена“, изјави шкотската премиерка Никола Старџен.

„Мислам дека земјите во Европа и на други места во иднина ќе настојуваат да го сторат тоа што го направивме ние“, додаде таа со напомена дека Ирска и Велс сакаат да започнат слични проекти.

Сега минималната цена што е одредена изнесува 50 пени (57 центи) за единица алкохол, мерка што истовремено ги зема предвид процентот на алкохол и количината.

Така, на пример, шише виски од 70 сантилитар (сл) нема да може да се продава под 14 фунти (15,60 евра), а шише од 75 сл вино со 12,5 проценти алкохол ќе чини најмалку 4,69 фунти (5,2 евра).

Иницијативата што има цел да ги отстрани негативните последици од консумацијата на алкохол беше поздравена од Лекарската комора и здруженијата, кои истакнаа дека станува збор за најголемиот напредок за јавното здравје по забраната за пушење на јавни места.