20.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Албанија: 500 полицајци дадоа отказ поради „ветингот“

500 полицајци во Албанија ја напуштија службата поради процесот на чистење на полицијата од лица што се корумпирани или се дел од криминални структури. Според албанското Министерство за внатрешни работи, само една недела пред истекувањето на рокот за предавање на формуларите што ги добија сите полицајци во земјата самоволно работата ја напуштиле 500 полициски службеници.

Во формуларите се барани податоци за нивната матријална положба пред влегување на работа и нивната сегашна состојба. Тиранскиот весник „Сот“, кој се повикува на извори на МВР на Албанија, пишува дека 8.000 полицајци веќе ги предале формуларите. Министерот за внатрешни работи на Албанија, Фатмир Џафај, изјави дека во полицијата нема место за лица што се дел од криминалот и се корумпирани.

„Големите риби не може да се фатат ако полицијата не е чиста“, нагласи Џафај.

Моментно јавното обвинителство врши многубројни истраги за активноста на поранешниот министер за внатрешни работи на Албанија, Сајмир Тахири, за кого, според обвинителството, постојат докази дека е еден од главните организатори на производството и шверцот со дрога од Албанија кон Италија.

Инаку, процесот, кој во Албанија се нарекува „ветинг“, што значи чистење, освен во полицијата, се спроведува кај судиите и јавните обвинители. Досега има судии и јавни обвинители што веќе ја напуштиле својата функција.