10.8 C
Скопје
4. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Синдикатите со марш ќе побараат подобрување на работничките права

Во одбележувањето на 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот денеска ќе се приклучат и синдикалните организации во Македонија, со цел подобра положба на работниците во земјава и сеќавање на борбата на работниците за унапредување на нивните права. Сојузот на синдикати на Македонија, по неколку години пауза се враќа на традиционалното одбележување на 1 Мај, односно со првомајски марш по улиците на Скопје.

Мотото на годинашниов марш ќе биде „Патиштата се различни, целта е една“, а истиот ќе почне пред зградата на Сојузот на синдикати на Македонија во 10 и 30 часот и ќе продолжи пред македонското Собрание и Владата на Република Македонија, каде ќе бидат порачани синдикалните барања за подобар закон за работни односи, регрес за годишен одмор за сите работници и подобар општ колективен договор за приватниот и јавниот сектор. Синдикалниците ќе кажат и стоп за мобингот и за зголемувањето на старосната граница за пензионирање.

Сојузот на синдикати на Македонија годинава одбележува и 110 години од синдикалното движење во земјава, па овој марш се поклопува и со тој значаен јубилеј.

Првомајски протестен марш за денес најавија и од Конфедерацијата на синдикални организации барајќи целосна измена на Законот за работни односи и нивни претставници да бидат вклучени во преговорите. Нивниот марш ќе почне од пред зградата на Македонската радиотелевизија.

Денот на трудот се празнува во знак на почит кон жртвите од штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 во Чикаго кога демонстрантите барале воведување осумчасовен работен ден. Организаторите на штрајкот биле изведени на суд, а четворица од нив биле погубени.

Спонзорирано: