6.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Објавен огласот за закуп на дел од земјиштето на „Џумајлија“

Денеска во „Службен весник“ е објавен огласот за давање под закуп државно земјоделско земјиште од над три хектари во регионот на Свети Николе, односно дел од земјиштето што беше во сопственост на поранешниот агрокомбинат „Џумајлија“. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска во с. Сарамзалино, општина Лозово, им ги соопшти деталите за огласот на земјоделците од овој регион.

Јавниот оглас е за над три хектари, а се распишуваат 907 хектари државно земјоделско земјиште, поделено 10 блока. Овие 10 блока се дел од третата од 4-те географски целини.

„Во наредните 60 дена ќе се спроведува постапката. Затоа ги мотивираме сите заинтересирани за земјоделското производство да се обратат во МЗШВ да ги добијат потребните информации и да конкурираат за овој оглас. За разлика од претходните огласи, кога за географските целини се бараше конкретен износ и рок за инвестицијата, сега за овие 10 блока, во согласност со Законот за земјоделското земјиште, не постои услов да се поднесуваат инвестиции со соодветен рок овие 907 хектари да бидат дадени за над три хектари со јавно наддавање во согласност со Законот“, изјави министерот Николовски.
Во следниот период за четвртата целина ќе се објави оглас до 3 хектари, вкупно 600 хектари, со цел и помалите земјоделци од овој регион да дојдат до парче земја.

Градоначалникот на општина Лозово, Ацо Велковски, посочи дека со овој оглас за создаваат можности за регионален развој бидејќи ќе има инвестиции, со што ќе се отворат нови работни места.

Намената за која се дава земјоделското земјиште е подигање долгогодишни насади со лозје, овоштарници и хмељ, оранжерии, долгодишни насади со лешник, маслинарници, ливади, рибници, спортско-рекреативни активности и рурален туризам и одгледување други земјоделски култури.

Николовски посочи дека МЗШВ и Владата спроведуваат системски политики со цел максимална искористеност на обработливото земјоделско земјиште и објавување огласи, што ќе придонесе до зголемено земјоделско производство, а земјата да дојде во рацете на вистинските земјоделци.

„Лоциравме 11.000 хектари слободна земјоделска површина, поделена во блокови, исчистена од секакви процедури за кои во следните месеци ќе бидат објавени огласи за до и над 3 хектари. Мотивиравме во овој период домашни и странски компании кои се заинтересирани за изградба на нови производствени капацитети, за зголемување на вкупното земјоделско производство и за инвестиции во агросекторот. МЗШВ мапира соодветни локации за откупно-дистрибутивни центри, кои ќе им бидат понуди на заинтересираните компании за изградба на нови производствени капаците, но и во овие 11.000 “, изјави министерот Николовски.

На собраниската седница на 2 мај се измените на Законот за консолидација на земјоделското земјиште, кои се важни за спроведување на окрупнувањето на земјоделското земјиште, најави министерот Николовски. Годинава започнува постапката за окрупнување 17.400 парцели на речиси 4.500 хектари во Македонија во 12 веќе избрани локации. Некои од мерките во делот на земјишната политика се донесената методологија и Закон за продажба на земјиштето во државна сопственост под оранжерии и објекти во функција на земјоделско производство за што овој месец ќе биде објавен и јавен повик, со што ќе им се овозможи полесно аплицирање за ИПАРД-програмите.

Спонзорирано: