11.8 C
Скопје
3. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Шекеринска: Сакаме да бидеме дел од НАТО зошто е еден од најуспешните сојузи во историјата на човештвото

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска денеска по повод Денот на НАТО беше организатор на трибина насловена „НАТО и ТИ“. Покрај неа, на трибината учество земаа министерот за финансии, Драган Тевдовски, хрватската амбасадорка Данијела Баришиќ и шефот на Канцеларијата за врски на НАТО, капетанот Горазд Бартол. Тие дискутираа за тоа што претставува НАТО-Алијансата, зошто Македонија сака да биде дел од неа и кои се придобивките од членството за државата и за македонските граѓани.

Во рамки на трибината, Шекеринска посочи дека Македонија сака да биде дел од Алијансата зашто НАТО е еден од најуспешните сојузи во историјата на човештвото.

„Половина од светската економска моќ, но и половина од воена моќ е онаа на НАТО. Воената моќ не значи дека Алијансата има капацитет за напад, туку дека има капацитет да гарантира колективна безбедност и колективна одбрана“, рече министерката за одбрана.

Шекеринска се осврна на две прашања – зошто Македонија сака и зошто може да биде членка на НАТО, истакнувајќи дека тоа е консензуална определба на граѓаните, но и на политичките партии.

„Ако ја погледнете листата на земји со највисок квалитет на живот по различни основи, ќе видите дека од првите десет од секоја листа, осум се членки на НАТО, една е партнер на НАТО, една е опкружена со НАТО-членки“, рече министерката. Додаде дека за Македонија, членството во НАТО ќе ја гарантира безбедноста и ќе овозможи економски раст.

Министерката воедно потсети на зборовите на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој во Собранието на Република Македонија рече дека сојузниците се импресионирани од реформите кои нашата земја ги правеше и сè уште ги прави.

Амбасадорот на САД, Бејли на оваа трибина посочи дека по тоа што таа се разликува од претходните дискусии е дека сега може да се каже дека постои реална можност Македонија наскоро да стане членка на НАТО и рече дека се цени учеството на Македонија во мисиите на НАТО-Алијансата.

Инаку, трибината беше отворена со воведни обраќања од Националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, претседателот на светската АТА организација, Фабрицио Лучиоли и претседателот на АТА Македонија и советник за НАТО на Премиерот, Исмет Рамадани.

Спонзорирано: