Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МОЗАИК

Во пакуваната вода има високи нивоа на честички пластика, тврдат научниците

Ново истражување покажа дека количината пластика во пакуваната вода е двапати повисока во однос на онаа од чешма, пренесе „Гардијан“.

Станува збор за неодамнешна анализа спроведена од научници во државниот њујоршки универзитет „Фредонија“ за потребите на новинарски проект на „Орб медија“. Таа покажала дека повеќе од 90 проценти од шишињата со вода од популарни светски брендови содржат микроскопски честички пластика.

Истата група од научници веќе претходно имала направено анализа на водата од чешма, која покажала дека во тој случај концентрацијата на пластика е двапати помала.

Светската здравствена организација најави и истрага за потенцијалните ризици од пластиката во водата за пиење.

Во студијата за потребите на „Орб медија“ анализирани биле 259 шишиња со вода од 11 бренда, од 19 локации во девет земји. Резултатите покажале дека во просек во секој литар пакувана вода има 325 честички пластика.

Од сите тестирани шишиња пластика не била пронајдена кај само 17 од нив. Во некои шишиња концентрацијата била исклучително висока, односно речиси 10.000 честички пластика во еден литар вода.

Во водата имало најголемо ниво на полипропилен, од кој се прават капачињата за шишињата. Анализираните шишиња со вода биле набавени во САД, Кина, Бразил, Индија, Индонезија, Мексико, Либан, Кенија и од Тајланд.

Друга неповрзана анализа на организацијата „Стори оф стаф“ испитувала пакувана вода од 19 американски производители. Во нив била пронајдена пластика, но со малку пониска концентрација.

Според Абигејл Бероус, која го спровела тоа истражување, пластиката во флашираната вода може да дојде од неколку извори.

„Ветерот многу лесно ги распространува пластичните влакна. Во фабрика тие може да дојдат во контакт со водата преку вентилацијата или облеката на вработените“, рече таа.

Спонзорирано: