Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев по повод христијанскиот празник Велигден, што го прославуваат верниците на Католичката црква, упати писмо со честитки до Г. Киро Стојанов, Бискуп Скопски и Апостолски Егзарх на Римокатоличката Црква во Република Македонија.
Заев во честитката пишува дека во негово лично име и во име на Владата на Република Македонија, на сите христијани од Католичката црква, им го честита големиот христијански празник – Велигден.
„Овој празник го означува крајот на патувањето низ страдањата Христови поминати во пост и молитва, крајот кој, всушност, завршува со победата над смртта која ја славиме со воскликот „Христос воскресна! Навистина воскресна!“ – се вели во честитката на Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев до Г. Киро Стојанов, Бискуп Скопски и Апостолски Егзарх на Римокатоличката Црква во Република Македонија.
Претседателот Заев во писмото вели дека „со својот подвиг посветен на нас луѓето, Христос ни се даде како пример и помина низ Голготата на смртта. И за момент, кога сè изгледаше како пораз, и кога темнината ја нападна земјата, Божјата тридневна тишина беше завршена и Тој воскресна и со смрт смртта ја победи за да ни ја врати со целата полнота надежта.
„Со воскреснувањето на Исус Христос, се случи нешто навистина ново, нешто што ја промени состојбата на човештвото и светот и се оприсутни како сила на надеж за победа над сите човечки ситуации на страдање и неправда. Нека е за многу години празникот на Воскресението Христово и на воскресението на новиот човек. Радоста на овој, и на сите идни Велигдени да ни ја даде силата за изградба на едно општество за сите, кое е мирољубиво, и во кое се почитува верската слобода на сите нејзини граѓани. „Христос воскресна! Навистина воскресна!“
Среќен Велигден до сите верници од Католичката црква! – се вели во писмото до Г. Киро Стојанов, Бискуп Скопски и Апостолски Егзарх, и до сите верници на Римокатоличката Црква во Република Македонија по повод Велигден.