13.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Чогеља: Раководството на ЕЛЕМ можеше да го спречи излевањето на Охридското Езеро

Водостојот на Охридското Езеро секојдневно се зголемува и ги загрозува сите крајбрежните објекти, посочи денеска на прес-конференција Горан Чогеља од ВМРО-ДПМНЕ.

„Од пред некој ден се излеа и езерото Глобочица. Имаме сериозен прелив. Оваа непреработена вода во генераторите на ХЕ ‘Глобочица’ е директна загуба која на дневна основа изнесува илјади евра. Раководството на ЕЛЕМ може за еден ден да ‘пушти по вода’ онолку колку што Владата се фали дека наводно заштедила за месец дена на кафиња и ручеци“, истакна Чогеља.

Како што посочи тој, недозволиво е еден врзан систем на акумулации, Охридско Езеро и Глобочица да се прелеваат, а во исто време да има огоромен празен простор во акумулацијата на Шпиље. Според Чогеља, тоа укажува на неправилен ангажман на хидроцентралите.

Како поткрепа на кажаното, претставникот на ВМРО-ДПМНЕ презентираше и графици со производство на електрична енергија по денови на ХЕ „Глобочица“ и ХЕ „Шпиље“ од Нова година до 26.03.2018 година.

„Од графиците се гледа дека ниту ‘Глобочица’ ниту ‘Шпиље’ работат со полн капацитет речиси во целиот месец јануари. ХЕ ‘Шпиље’ има речиси двоен капацитет, дупло е поголема од ХЕ ‘Глобочица’, но во одреден период произведува дури и помалку од неа. Истата почнува да работи на максимум дури во втората половина од февруари, кога веќе е доцна да се избегне она што ни се случува сега“, рече Чогеља.

Тој напомена дека празниот простор во „Шпиље“ е речиси 6 метри во моментов, а заедно со флексибилноста на ХЕ „Шпиље“ за дополнително намалување на котата на езерото е повеќе од доволно да се прифати целокупниот вишок на вода во Охридското Езеро.

„Претходното излевање, но и овие кои се случуваат деновиве ќе се избегнеа доколку раководството на ЕЛЕМ знаеше да управува со водниот потенцијал. Повторуваме дека просторот во акумулацијата во Дебарското Езеро е повеќе од доволен да го прифати целиот вишок вода од Охридското Езеро“, истакна на денешната прес-конференција Горан Чогеља од ВМРО-ДПМНЕ.

Спонзорирано: