11.8 C
Скопје
3. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Поддршка од Франција за евро-атлантските интеграции на Македонија

Претседателот на Владата, Зоран Заев, претпладнево се сретна со Лилијана Танги, пратеничка во Француското собрание, придружувана од Кристијан Тимоние, амбасадор на Република Франција во Република Македонија.

Француската пратеничка пренесе дека се направени големи напори и напредок од оваа Влада на планот на реформите и европските интеграции. Таа посочи на потребата од гаранции дека ќе се спроведат сите реформи, но дека ситуацијата на тоа како Франција гледа кон почеток на преговори на Македонија за членство е благонаклонета и треба да се продолжи да се работи во избраниот правец.

На средбата е изразена заедничка согласност дека од клучно значење како за евроинтеграциите, така и за сите граѓани во државата е воспоставувањето ефективна правна држава, почитување на институциите, како и на уставните одредби. Исто така поздравени се добрососедските односи и заеднички е изразена надеж дека низ конструктивни преговори со Република Грција ќе се дојде до решение на долгогодишниот спор.

„Реформите ги спроведуваме низ координација со делегацијата на ЕУ. Определени сме кон добрососедски политики, конструктивност и соработка со сите во државата, вклучувајќи ја во важните граѓански и државни процеси и опозицијата. Од тие причини очекуваме 2018 година да биде значајна за Република Македонија, да добиеме датум за почеток на преговори со ЕУ и да се активира автоматската покана за НАТО“, рече премиерот Зоран Заев, кој ѝ заблагодари на Франција за значајната поддршка во демократските процеси.

На средбата беше потенцирана важноста од поддршка на реформскиот план 3-6-9 од страна на сите пратеници во Парламентот и сите политички субјекти. Исто така, беше истакната важноста од изградбата на Македонија во едно општество, со еднакви права и обврски на сите граѓани.

Спонзорирано: