Вицепремиерот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во просториите на Секретаријатот за европски прашања оствари средба со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, кој е во работна посета на земјава.
Теми на разговор на средбата беа напредокот во меѓусебната соработка, активностите на двете земји за унапредување на комуникацијата, како и мерки за градење доверба меѓу двете земји.
„Имаме голем напредок во комуникацијата меѓу двете земји, што води кон очигледно зголемување на довербата меѓу државите, но и севкупно, зголемување на довербата меѓу двете општества“ – подвлече Османи изразувајќи надеж дека тоа набргу ќе резултира и со надминување на отворените прашања.
За време на средбата Османи изрази надеж дека во периодот што следи ќе се засилат мерките за градење доверба во сите области: економијата, културата, образованието, екологијата, меѓуграничната соработка, енергетиката и транспортот, со што, покрај изградбата на довербата меѓу општествата, граѓаните ќе можат и директно да ги почувствуваат бенефитите од оваа соработка. Во овој контекст Османи изрази задоволство од успешниот старт во имплементацијата на мерките за доверба, како што е преминувањето на земјава во втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, како и пристапот до Јадранско-јонскиот Регион.
Во продолжение Османи ја акцентираше успешната билатерална соработка меѓу Македонија и Грција, која е исклучително позитивна во делот на искористување на средствата од ИПА во проектите за прекугранична соработка, како и соработката во рамки на твининг-проекти и инструментот ТАЕКС.
На крајот од средбата двајцата соговорници се согласија дека евро-атлантските интеграции на земјава се единствена алтернатива со која ќе се зајакнат и стабилноста и безбедноста на регионот, како и да се одржи комуникацијата меѓу двете земји со отворен дијалог за партнерство.