7.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Вкупно 282 барања за бесплатна бања и викенд поднеле пензионерите од Крива Паланка и Ранковце

(МИА) – Вкупно 282 пензионери од Крива Паланка и Ранковце поднеле барања за користење на услугите од проектот за бесплатна бањско-климатска рекреација на Министерството за труд и социјална политика.

Од филијалата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во Крива Паланка информираат дека рокот за поднесување барања истече на 15 февруари, а во следниот период претстои фаза на разгледување и одобрување на барањата.

Сите пензионери од Крива Паланка и Ранковце на кои ќе им бидат одобрени барањата ќе посетуваат бесплатна бањско – климатска рекреација во Катлановска бања, каде согласно проектот ќе користат шест полни пансиони, бањска терапија, задолжителен здравствен преглед и трошоци за превоз во висина на повратна автобуска карта од местото на живеење на корисникот до установата во којашто ќе се користи услугата.

Оваа услуга може да ја користат лица – корисници на старосна, инвалидска и семејна пензија остварена според прописите на Република Македонија и одредбите од договорите за социјално осигурување коишто Република Македонија ги применува, а коишто живеат на територија на земјава и правото на пензија го стекнале заклучно со ноември 2017 година.

Сите на кои им е одобрена услугата ќе добијат известување на домашна адреса, а ќе може да ја користат од март до ноември 2018 година.

Пензионерите лани од двете општини поднеле вкупно 336 барања,а одобрени биле 95.

Проектот за бесплатна бањско климатска рекреација за пензионери почна во 2010 година и досега услугите во Катлановска бања ги искористиле 597 лица од Крива Паланка и Ранковце.