14.8 C
Скопје
8. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Парламентот се уште без договор за нова пленарна седница

(МИА) – И по завршување на редовната координација на претставници на пратеничките групи со претедателот на Собранието Талат Џафери, нема информација кога и дали оваа недела Парламентот ќе закаже нова пленарна седница или седница на некоја од комисиите. Се наведува дека утре би можело да се одржи продолжение на некоја од веќе започнатите седници, а извесно е дека на 22 февруари, во четврток, ќе се закаже седница за поставување пратенички прашања.

Според информациите од Кабинетот на Џафери, одлуката за пленарна седница, доколку се донесе, веднаш ќе биде ставена на собраниската веб-страница. Претставници на партиите на владејачкото мнозинство кои беа присутни на координацијата информираат дека за утре би можело да се одржат продолженија на некои од веќе започнатите седници, но оти сепак треба да се почека тоа да биде официјално закажано.

Закажувањето пленарна седница, како што се посочува, зависи од потребниот кворум, бидејќи неколку пратеници заминуваат на службено патување во Виена, има повредена пратеничка и друга на породилно отсуство.

Дополнително, опозицијата и натаму нема да учествува во работата на Парламентот, а нивен претставник денеска повторно не бил на координацијата кај Џафери. Сепак, како што се посочува, претставник на опозоциската партија има неформални средби со Џафери во врска со одредени активности, а исто така се потврдуваат и средбите на работните групи за одредени закони, иако никој не соопштува дали е постигнат некаков напредок.

Исто така треба да се види како на составот на Парламентот ќе влијаат и настаните во партијата Беса по вчерашниот избор на Африм Гаши на конгресот на едното крило на партијата. Заега, велат од Парламентот нема промени во однос на пратеничката група на Беса која брои петмина пратеници.

Собранието треба да расправа за над 35.000 амандмани поднеени од ВМРО-ДПМНЕ за Законот за јазиците, а се оддолжува и носењето на реформските закони за следење на комуникациите, на законите за намалување на патните трошоци на пратениците и именуваните лица и други закони и одлуки.

Дека се уште нема договор кога ќе има седница за амандамните за законот за јазиците потврдуваат и од ВМРО-ДПМНЕ од каде, неофицијално, велат дека сепак се чека на некакво политичко решение.

 

Извесно е сепак дека седница за пратенички прашања би требало да има на 22 февруари, а за 26 февруари во Собранието се закажани две конференции.