10.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ на самитот во Будимпешта стана полноправна членка на ЦДИ

ВМРО-ДПМНЕ денеска на самитот во Будимпешта стана полноправна членка на Центристичката демократска интернационала, која е светска организација на десни политички партии. Ова е значајно меѓународно признание и успех на партијата на кој макотрпно работевме изминативе два месеца, соопшти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

По членството во Европската народна партија (ЕПП), каде што ВМРО-ДПМНЕ е членка, партијата стана член и на Центристичката демократска интернационала каде што членуваат партии од Европската народна партија, но и други десничарски партии од другите делови на светот. Тоа е организација на влијателни политичари на светско ниво и, според Мицкоски, е огромна шанса за стекнување многу нови пријателства за ВМРО-ДПМНЕ и за заштита на државните и националните интереси на Република Македонија.

Претседател на ЦДИ е Андрес Пастарана – поранешен претседател на Колумбија, генерален секретар е Антонио Лопез Истуриз, кој истата функција ја извршува и во Европската народна партија, потпретседатели се: Маријано Рахој – премиерот на Шпанија, Виктор Орбан – премиерот на Унгарија, Марио Давид од Португалија, додека почесни претседатели се Хозе Марија Азнар – поранешен премиер на Шпанија, и Пиер Фернинандо Касани – поранешен претседател на парламентот на Италија. Ова е друштво и во кое се Јанез Јанша, како и Жозеф Дол, претседателот на ЕНП и претседател за Европа на ЦДИ.

Во моментот се одвива самитот на ЦДИ во Будимпешта каде што присуствува потпретседателот Александар Николоски, кој имаше излагање во однос на членството и кандидатурата на ВМРО-ДПМНЕ во оваа организација.

„ВМРО-ДПМНЕ ги отвора вратите во меѓународниот свет со дипломатски чекори, разумни и принципиелни позиции и ставови и секогаш водејќи сметка за националните и државните позиции. Ова е доказ дека Република Македонија има пријатели, и дека се можни меѓународни успеси со зачувано достоинство и со силна визија за развој на нашата држава. Приемот во организацијата е и заслуга за сите наши меѓународни пријатели. Членството во ИДС ќе биде искористено за зголемено влијание на ВМРО-ДПМНЕ во меѓународните односи, и лобирање за државните интереси и членство на Република Македонија во ЕУ и НАТО алијансата“, вели Мицкоски.