5.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото mfa.gov.mk
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Димитров: Атина сака име во кое ќе има јасна дистинкција меѓу државата Македонија и регионот Македонија во Грција

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во емисијата „Панорама“, што се емитуваше синоќа на бугарската телевизија БНТ1 повтори дека не може да зборува какво име договараат Македонија и Грција. Рече дека иако знае дека интересот на јавноста за ова прашање е големо, спека, не може да открива детали.

„Знам дека главен интерес на јавноста е тоа, но колку повеќе кажуваме јавно толку повеќе ги намалуваме шансите на процесот. Така што не можам многу јавно да зборувам за тоа. Може да кажам дека имаме две цели – едната е таа што ѝ потребна на Атина да има јасна диференцијација или динстинкција меѓу државата Македонија и регионот на Македонија во Грција, а втората цел е тоа да се направи на достоинствен начин, двете страни кога ќе се поздравиме да можеме да се разделиме со исправени глави“, рече Димитров.

Тој истакна дека името Македонија мора да остане. „Премиерот рече: ‘Ќе кажам дека можеби можеме да размислуваме за географска одредница’, но тука стави точка“, вели Димитров.

Македонскиот шеф на дипломатијата вели дека Македонија прави сè за да се надминат разликите во спорот за името и дека постои надеж дека и од другата страна има голема волја.

„Не е лесно. Прашањето е многу тешко. Проблемот е стар колку што е стара нашата независност од 1991 година. Неретко беше злоупотребуван за домашни политики, но ние како што излеговме од кризата чувствуваме дека има една шанса. Многу сме благодарни на соседна и блиска Бугарија што вниманието во Европа го сврте на Балканот и сакаме таа шанса да ја искористиме“, вели Димитров.