6.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Германија донира 16 нови возила за полицијата во Струга

Mакедонската полиција, односно одделот за гранични работи и миграција, денеска во Струга од германското Сојузно министерство за внатрешни работи како донација доби 16 нови возила „дачија дастер“.

На настанот присуствуваше и министерот за внатрешни рабори, Оливер Спасовски, кој се заблагодари за донацијата вредна околу 240.000 евра.

„Фактот дека од 1992 година до денеска реализиравме многу проекти и со Сојузното министерство за внатрешни работи и со покраинските полиции покажува каква соработка имаме со оваа пријателска држава. Сакам да му се заблагодарам на заменик-амбасадорот на Сојузна Република Германија за напорите што ги направија за македонското МВР да ја добиеме оваа донација од 240.000 евра“, рече Спасовски.

Воедно, министерот потенцира дека германската влада сите овие години за Република Македонија претставува принципиелен пријател и поддржувач, чија помош и поддршка се од суштинско значење не само во поглед на нашето евро-атлантско интегрирање туку и во поглед на развојот и стабилноста на македонското општество и институции.

Заменик-амбасадорот на Сојузна Република Германија, Марко Акватичи, потенцира дека соработката меѓу двете држави, односно двете полиции, е одлична.

„Минатата година дониравме четири возила во Скопје и сега 16 во Струга. Германија и натаму ќе продолжи да ја поддржува Македонија“, рече Акватичи.

При посетата на полициската станица во Струга министерот Спасовски ја информира јавноста и за обновениот надворешен изглед на објектот на полициската станица во Струга. Имено, заменети се сите дрвени прозорци со ПВЦ и ставена е термоизолациона фасада, а во наредниот период ќе се преземат и други активности за натамошно подобрување на условите за работа на полициските службеници.

Спонзорирано: