20.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Заев и Груби со спротивставени изјави за преговорите со Грција, опозицијата прашува – кој лаже?

Владејачката коалиција секојдневно нанесува огромна и ненадоместлива штета на Република Македонија во спорот околу проблемот кој што соседна Република Грција го има со нашето име, изјави на прес-конференција Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.

„СДСМ и ДУИ како да се натпреваруваат кој ќе направи поголема отстапка без да се направи проценка за последиците врз највисоките национлни интереси. Пратеникот Артан Груби се пофали дека формата на новото име била договорена. Истиот јавно кажа дека на медијаторот ќе му понудел дополнителни идеи кои ги добил, ни помалку, ни повеќе, туку од грчки авторитети. Да не беше трагично ќе беше смешно македонски претставник да нуди идеи добиени од грчки авторитети. Најзагрижувачки е самиот факт што самиот Груби откри дека не бил најголем проблем само формата на името, туку другиот дел од договорот кој се однесувал на идентитетот, јазикот, националноста, употребата и преводот“, рече Јанушев и додаде дека некој лаже, па праша, дали се тоа Заев и министерот за надворешни работи Димитров кога велат дека за идентитетот не се преговара или Артан Груби и ДУИ кога велат дека се договара решение за идентитетот, јазикот и националноста.

ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека се случува срамен пазар со највисоките државни интереси, а доколку наводите на Груби не се точни и не се преговара за идентитетот, јазикот и националноста, Владата мора веднаш да се огради и да ги отфрли неговите предлог идеи.