16.8 C
Скопје
10. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев најавува интензивни средби за името во текот на месецот

Очекувам неколку средби за името што побргу. Времето е кратко, треба брзгу да дејствуваме. Јас се надевам уште идната недела, под раководство на Метју Нимиц, дека ќе се одржи состанок помеѓу двајцата министри како ново ниво на преговарачкиот процес што е договорен, изјави премиерот Зоран Заев по прес-конференцијата со спортските работници одговарајќи на новинарски прашања дали се очекува месецов да се оствари нова средба со Грција на министерско ниво.

Според Заев, средбите продолжуваат, а според најавите на грчкиот министер Никос Коѕијас, можно е да има нацрт-верзија на некој меѓународен договор. „Ние рековме дека ќе ги искористиме сите алатки. Процесот се одвива преку Обединетите нации и преку Метју Нимиц. Но, кога ќе се сретнат двајцата министри, кога ќе се сретнат двајцата премиери, зошто да не го искористиме тоа како можност? Зошто ако некој инвентивен елемент постои, да не биде како можност? Ако се дојде до некоја нацрт-верзија на меѓународен договор, каде што е штиклирано тоа што апсолутно не е спорно, а има такви работи, а сè друго би било предложувано, како се договара или решава да биде влезено внатре, на крајот ова треба да заврши со меѓународен договор. Таквата идеја или предлог за мене е добредојдена и може да биде од помош. Сè спаѓа во моментна дебата и дискусија. Што и да решиме, да вратиме преку Метју Нимиц, кој го води преговарачкиот процес затоа што на крајот треба да биде формализиран преку ОН, вели Заев.

Во однос на тоа дали Атина бара промени на некои членови од македонскиот Устав, Заев вели: „Секако, знаете дека дел од ставовите на ерга омнес во Грција е промена на Уставот во Македонија. И тоа се ставови на Грција. Ние имаме наши ставови. Значи, зборувам за Уставот. Македонија го промени Уставот во 1993 година, да го допрецизира членот 49 од него, вградувајќи амандман 2. И ние направивме голем чекор како земја таа година за да го отстраниме иредентизмот. Во моментот сè што правиме е да докажеме дека Македонија нема никакви аспирации, територијални или какви било. Македонија нема иредентистички побуди, Македонија сака да гради пријателство. И од тој аспект не ги гледам потребите. Јас внимателно го слушам и нашиот партнер со кој преговараме, но апсолутно знам што е возможно и што е невозможно во Македонија. Зборувам на тој начин за да дадам шанса на преговарачкиот процес. Апелирам да имаме транспарентна постапка, но и внимателност. Многу е важно да успееме. Реков, не по секоја цена. Драго ми е што односот во Грција е пријателски, барем на раководството на државата, зборувам и за власта и за опозицијата. Секако, постојат и радикални структури и тука и во Грција, но треба да направиме сè да се изнајде решение за да градиме во иднина и билатерално и регионално пријателство со сите“.

„Ќе направиме сè за да најдеме решение на овој горлив дваесет и петгодишен проблем, но не по секоја цена“, дециден е Заев.