24.8 C
Скопје
20. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Египет ги повика Хамас и Израел да покажат флексибилност и да постигнат договор за прекин на огнот во Газа што е можно поскоро

Египет апелираше до Хамас и Израел да покажат флексибилност за што поскоро да се постигне прекин на огнот во борбите во Газа, соопшти утрово египетското Министерство за надворешни работи. Египет смета дека преговорите во Каиро не доведоа до прекин на огнот. Тие во моментов се во „деликатна фаза“, а делегациите на Хамас и Израел го напуштија главниот град на Египет, се наведува во соопштението.

Во телефонски разговор со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри ја нагласи „важноста да се повикаат страните да покажат флексибилност и да ги направат сите неопходни напори за постигнување договор за прекин на огнот и на тој начин да се стави крај на хуманитарната трагедија во Газа. соопшти Министерството.

Каиро стравува од опасноста, израелската операција во Рафах да ја загрози стабилноста и безбедноста на регионот, се додава во соопштението на египетската дипломатија.

Блинкен потврди дека Соединетите Американски Држави се против голема воена операција во Рафах и какво било принудно раселување на Палестинците од Газа, изјави неговиот портпарол Метју Милер.

Израелската армија во вторникот распореди тенкови во Рафах и ја презеде контролата на граничниот премин со Египет, блокирајќи го главниот премин за конвои со хуманитарна помош кон опколената палестинска територија./Извор:Makfax