22.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

По иницијатива на премиерот Зоран Заев и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, во свечената сала во Владата се одржа работна средба за анализа на тековните состојби во спортот и предлог-мерки и сугестии за унапредување на спортот.

На состанокот учество зедоа 70-ина спортисти, спортски работници, претставници на федерации, клубови, градоначалници, долгогодишни спонзори и поддржувачи на спортот, а целта на овој настан беше да се промовираат мерките, можностите и измените што се однесуваат на развојот на спортот, како и да се слушнат сугестии и предлози од сите поканети.

„Со спортската фела сакаме да ја дискутираме оваа многу значајна работа – спортот, нешто што сите нè обединува. Да се потрудиме да ја тргнеме политиката од спортот. Политиката низ институциите треба да е поддржувач на спортистите“, рече Заев.

Премиерот во текот на средбата најави изградбата на дом на спортовите, кој како една административна целина во себе треба да ги удоми сите спортски федерации и да ги надополни непостојните елементарни услови за работа на спортските федерации, што е дел од владината програма.

„Немам никакви политички очекувања од ова. Дајте да направиме спорт достоен за Македонија“, рече Заев.

Во работниот дел од средбата, од советникот за спорт, Даниел Димевски, беше презентирана детаљна СВОТ-анализа на позитивните и негативните страни на актуелната ситуација во која се наоѓа македонскиот спорт, а беше и презентиран предлог-акциски план: „Анализа за состојбите во спортот во Република Македонија“.

На средбата посебно беше нагласена потребата од законски измени во делот на здравственото и пензиското осигурување на професионалните спортисти со привилегии, а исто така и потребата од изготвување 10-годишна стратегија за спорт, во која ќе бидат поканети да се вклучат и авторитети од науката, а ќе бидат користени и позитивни примери од земји лидери во спортот.

„Ни треба вашата експертиза за да не потрошиме ниеден скапоцен денар во промашени проекти. Картите се наместени, да направиме нешто добро. Да не чекаме секојпат само некој одозгора да ги решава состојбите во спортот“, рече Димевски.

На прес-конференцијата, одржана по повод работниот состанок, премиерот Заев, придружуван од директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, деканката на Факултетот за физичка култура, Ленче Алексовска, и великанот на македонската кошарка и кошаркарски репрезентативец, Тодор Гечевски, ги нагласи заложбите на Владата да обезбеди неопходна поддршка за остварување квалитетни спортски можности и резултати, да поддржува спортски политики, кои ќе придонесат за поголем број граѓани кои активно спортуваат, од сите возрасти, социјални групи и средини.

„Ве уверувам дека во мене, како премиер, имате спортски партнер, а во Владата сериозна поддршка за ферплеј во општество во кое спортот и спортистите ги заслужуваат сите шанси. Спортските заедници се исклучително креативни и позитивни и може значително да учествуваат во нашата заедничка цел – изградба на креативно, позитивно и единствено општество, во кое се негуваат вредностите на почит, меѓусебно разбирање и солидарност. Посебно внимание ќе им посветиме и на наставните програми по спорт во сите сегменти на образованието“, рече Заев на прес-конференцијата.

Тој нагласи дека преземената обврска на Владата, заедно со Агенцијата за млади и спорт, ќе биде реализирана со серија мерки за постојана стабилна финансиска поддршка, како и за сеопфатна логистичка поддршка со соодветна спортска инфраструктура за развој на спортот.

„ Разговаравме за клучните проекти што се од суштинско значење за спортот, промена во делот на Законот за спортот, за 10-годишната стратегија за спортот и разговаравме за сè она што е клучно во периодот што следува. Градењето мали реонски базени, олимписката програма, наградувањето на 250 најдобри младински клубови, враќање на спортските сали на федерациите и ред други активности се дел од клучните и приоритетни мерки што Агенцијата за млади и спорт ќе ги преземе“, рече директорот Дарко Каевски.

Ленче Алексовска, деканката на Факултетот за физичка култура, на прес-конференцијата ја поздрави иницијативата преку оваа почетна средба велејќи дека оваа иницијатива многу работи ќе продолжи, но многу работи и ќе промени.

Македонскиот кошаркарски ас, Тодор Гечевски, велејќи дека со задоволство ја прифатил поканата да учествува во оваа дебата како долгогодишен спортист и професионалец и сега како спортски работник во КК „Работнички“, потенцира дека најбитно е што сите присутни се согласите оти најважно е создавањето квалитетни македонски, домашни спортисти. „Без спорт, без инволвирање на децата во спортот, немаме здраво општество. Вистинските вредности и вистинскиот пат на едно здраво општество е преку спортот“, рече Гечевски на прес-конференцијата.

Спонзорирано: