22.8 C
Скопје
13. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Норвешка двојно ќе ја зголеми финансиската помош за Македонија

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, се сретна со амбасадорот на Кралството Норвешка во земјата, Арне Санес Бјорнстад. Во фокусот на разговорот беше норвешката поддршка за евро-атлантската интеграција на Македонија, вклучително и норвешката проектна помош насочена кон подобрување на подготвеноста на Македонија за почнување на пристапните преговори со ЕУ.

Истакнувајќи дека патот кон ЕУ не претставува предизвик само поради критериумите за членство, туку и поради сложеноста на самиот процес на преговори, министерот за надворешни работи, Димитров, изрази благодарност кон Кралството Норвешка за долгогодишната поддршка и проектна помош за земјава.

Амбасадорот Бјорнстад ја реафирмира поддршката за евро-атлантската интеграција на Македонија и неопходните реформи и информира за одлуката на Норвешка за двојно зголемување на финансиската помош за Македонија во наредниот период.

И покрај тоа што не е ЕУ-членка, Норвешка во континуитет го споделува своето исцрпно искуство во преговарањето и одржувањето тесни врски со Унијата преку Европската економска област, шенгенската зона и други форуми на соработка унапредувајќи ги на тој начин административните и законодавните капацитети на Македонија за спроведување на неопходните реформи и отворање на пристапните преговори. Ваквата поддршка беше дополнително унапредена и со потпишувањето на заедничката изјава за партнерство и соработка меѓу двете земји во август 2017 година во Осло.

Последна потврда за тоа е започнувањето на проектот за техничка помош наменет за подобрување на капацитетите за процесирање и заштита на документи и унапредување на целокупниот систем за комуникации на Министерството за надворешни работи на Република Македонија како корисник на проектот. Спроведувањето на овој проект со времетраење од 12 месеци е предвидено да заврши до крајот на 2018 година, а проценетата вредност на средствата за неговото спроведување изнесува 1,5 милион евра.