11.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Грчкото МНР го поздрави преименувањето на аеродромот и автопатот

Грчкото Министерство за надворешни работи официјално ја поддржа одлуката на македонската влада за промена на имињата на аеродромот во Скопје и автопатот од главниот град до грчката граница.

„Се надеваме дека ова ќе значи нов почеток во односите меѓу двете земји и двата народа. Ја поздравуваме одлуката на македонската Влада да ги промени имињата на аеродромот во Скопје во ‘Меѓународен аеродром – Скопје’, како и автопатот од главниот град до границата со Грција во ‘Пријателство’. Одлуката е позитивен чекор и пресврт по сè што беше направено во последната деценија и ги усложни односите меѓу двете држави. Тоа е значаен развој за справување со иридентизмот“, пишува во официјалното соопштение на грчкото Министерство за надворешни работи.

Соопштението беше објавено само неколку часа по заедничката прес-конференција на македонскиот премиер Зоран Заев и шефот на делегација на ЕУ во Скопје, Самуел Жбогар.

„Автопатот што ја поврзува Македонија со Грција сега ќе се нарекува ‘Пријателство’, а аеродромот, кој до сега го носеше името ‘Александар Македонски’, ќе се вика меѓународен аеродром Скопје“, рече Заев. Според него, овој чекор на македонската влада ја истакнува подготвеноста на Македонија за градење добрососедски и пријателски односи со Грција.

„Сакам да успее преговарачкиот процес, ние сме подготвени за географска одредница и тука ќе застанам затоа што знам дека ова е чувствително прашање. Да дадеме шанса да успее преговарачкиот процес. Јавно се позиционираме, нашите ставови се јавни и се надевам на решение“, изјави Заев.