23.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: Златко Марин само ја уназадува општина Аеродром

Граѓаните на Аеродром за жал се сведоци на изгубени 100 дена во кои Златко Марин имаше можност и шанса да отпочне десетици нови проекти кои ќе го подобрат животот на граѓаните, но тој не отпочна ниту еден, рече на денешната прес-конференција, Дејан Митески, претседател на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром.

„По седнувањето на градоначалничката фотелја Златко Марин едноставно исчезна од очите на Аеродром. Изминативе 100 дена тој може да се запамти само по деструкција и фалење со проекти обезбедени од ВМРО-ДПМНЕ, како и партизација на администрацијата“, рече Митески.

Претставникот на ВМРО-ДПМНЕ на пресот напомена дека Марин го стопирал проектот „Тениска АТП арена“ близу спортскиот центар Јане Сандански, проект вреден милиони евра, кој, како што рече, требало да отвори десетици нови работни места и уште еднаш да потврди дека општина Аеродром е најурбаната општина.

„Најголемо достигнување во овие 100 дена за Златко Марин е тоа што се пофали со проширување на градинката Бубамара, но да го потсетиме, тоа е проект кој се реализира благодарение на претходната локална власт од ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Ивица Коневски кој обезбеди средства за реализација“, истакна Митески.

Тој посочи и на партизација на администрацијата во општината која, како што рече, резултирала со именување на партиски војник на СДСМ за директор на основното училиште „Александар Македонски“, кој не ги исполнува условите да биде директор на образовна институција.

Митески изјави и дека општина Аеродром од најчиста општина, станала најнечиста општина.

„Ветуваше чист воздух и чиста општина, а Аеродром во моментов е лидер во загадувањето. Дивите депонии никнуваат на секој чекор, а мерните станици за аерозагадувањето достигнуваат рекорди во моментов. Ова е вистината за 100-те дена на Златко Марин и општина Аеродром. Од најпросперитетна општина, за само 100 дена тргна во обратна насока“, заклучи Митески на пресот.