18.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Данев: Апетитот за луксузирање на СДСМ ја донесе државата на работ на бездна

СДСМ за само 1 година успеа да ја презадолжи државата, и тоа без да реализира ниту еден капитален проект или инвестиција или, пак, да направи што и да е корисно за граѓаните. Според Министерството за финансии, бројките велат дека државниот долг на крајот на 2017 година изнесува безмалку 4 милијарди евра. Или, она што е најважно, зголемен е стотина милиони, поточно 107 милиони евра од страна на СДСМ во однос на претходната 2016 година, изјави Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, само со новото задолжување од 100-ина милиони можеше да се изградат 50-ина училишта, 50-ина градинки и 3 студентски дома или неколку клиники во неколку градови.

„Јавниот долг според бројките на Министерството на крајот на 2017 година изнесува ни помалку ни повеќе, туку 4 милијарди 769 милиони евра, кој исто така е зголемен од страна на СДСМ во однос на 2016. Да, токму од СДСМ, кој велеше дека државата е презадолжена и дека е на работ на банкрот, а сега тој ги презадолжува граѓаните. Да потенцираме дека во овие пресметки на Министерството за финансии не се пресметани еврообврзницата од половина милијарда евра и двете задолжувања од 100-ина милиони евра, вкупно над 600 милиони евра, со што СДСМ за само 7 месеци ја задолжи државата над 750 милиони евра и веќе оди накај милијарда. До крајот на 2018 вкупното задолжување од страна на СДСМ ќе изнесува над 1 милијарда, со што уште веднаш се вклучува алармот дека оваа неспособна Влада ни ја води државата кон пропаст“, вели Данев.

Според него, досега со над 750 милиони евра задолжување нема ниту еден капитален проект, ниту една инвестиција, ниту еден проект во образованието, армијата, полицијата или кој било друг сегмент во државата. Се фалат со проекти реализирани од ВМРО-ДПМНЕ или минорни донации од други држави. „Неспособноста на СДСМ и личниот апетит за луксузирање ги донесе државата и граѓаните за само 8 месеци на работ на бездна. Никој во држава не го почувствува животот. Животот го почувствуваа криминалците и функционерите на СДСМ. На граѓаните воопшто не им е подобро, а државата не ни оди напред. Реалноста во нашата држава е тажна. Жално е што граѓаните како и секојпат, повторно се изиграни, излажани и манипулирани од страна на СДСМ“, вели Данев.