15.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

МНР се извини за односот на својот вработен кон новинарот на „ТВ 21“

Вработените во службата за односи со јавност се задолжени за водење на прес-конференциите, што понекогаш подразбира адекватно одредување приоритет на редоследот на прашањата во согласност со праксата на МНР. Жалиме доколку тоа понекогаш предизвикува непријатности за домашните редакции, а особено се извинуваме што за време на последната прес-конференција некој од вработените во службата за односи со јавност постапил несоодветно и предизвикал новинар да се чувствува непријатно при вршењето на своите задачи, велат од Министерството за надворешни работи во врска со информациите на „ТВ 21“ дека нивен новинар бил попречен да постави прашање на прес-конференција на Никола Димитров и Метју Нимиц што се одржа вчера.

Во конкретниот случај, велат од МНР, новинарот од редакцијата постави прашање на кое му беше одговорено, притоа земајќи збор на новинар од странски медиум кој веќе поставуваше прашање, што во секој случај не е оправдување за нашата грешка.

Уште во текот на истиот ден МНР се обратил до главниот и одговорен уредник на редакцијата, при што било пренесено извинување во име на Министерството.

„Владата на Република Македонија и МНР постојано инсистираат на фер, транспарентен и партнерски однос со медиумите. Континуирано работиме на тоа да ги унапредуваме односите со новинарите и со јавноста и искуствата покажуваат дека за кусо време сме успеале да создадеме атмосфера на доверба, отвореност и пријатна работна атмосфера за новинарите во МНР. Сепак, понекогаш околностите се такви што на прес-конференциите во МНР, особено кога има меѓународни претставници каде што нивната агенда го ограничува времето на настанот, објективно немаме можност да обезбедиме простор сите прашања да се постават на самото место. Во такви случаи праксата налага балансиран пристап меѓу меѓународните и домашните медиуми имајќи предвид дека тие ја имаат само таа можност за прашање, а за домашните медиуми сме достапни во секое време“, велат од МНР.

Оттаму додаваат дека во моментот се разгледува можноста да се ревидира системот на давање збор на прес-конференциите во насока на овозможување поефикасно искористување на времето посветено за прашања.

Спонзорирано: